Свет tupac shakur

22 септември, 2013

Филмот за Тупак ќе се снима следната година

Проектот започна уште во 2011 година со аудиција, на која се пријавија бројни кандидати за улогата на покојниот Тупак Шакур, но сè уште не е познато кој ќе ја игра главната улога во филмот едноставно насловен „Tupac“, чија тема е животот и работата на легендарниот рапер. Она што е дефинитивно познато е дека во најновото соопштение од куќата Morgan Creek Productions и Еmmett/Furla Films е објавено дека долгоочекуваниот проект, чиј извршен продуцент е мајката на раперот, Афени Шакур, сега добива „зелено светло“ и конечно влегува во фаза на реализација, а филмот ќе се снима во текот на следната година во Атланта.

Како режисер ќе се потпише Антоан Фука, кој до сега ги режирал филмовите „Training Day“ и „Brooklyn’s Finest“, а сценариото го напишаа Стив Багатуриан, Стивен Џеј Ривел и Кристофер Вилкинсон, кои заедно се одговорни за филмските хитови како што се „Nixon“ и „Ali“. Своевремено, Вилкинсон го опиша Шакур „како уметник чиј карактер е во спротивност со медиумот преку кој се изразува“, а за филмот открил дека „ќе се фокусира на последниот ден од животот на раперот, со флеш-бекови“ кои се однесуваат на периодот од последните четири години од неговиот живот“, истакнувајќи дека „на ниту еден начин нема да потсетува на класичен биографски филм“. На крајот додал:

Тупак беше многу чувствителен и осетлив, романтичен и талентиран млад поет. Исто така умееше и да пее, игра и глуми. Но, реалноста (музичката индустрија) беше таква што тој мораше својот израз да го оствари преку уметничкиот лик на гангстер.“

 



Врати се горе ↑