Видео

23 јули, 2019

Филип Пешевски сака да биде до неа „Без оглед на сè“

Откако лани дебитираше како самостоен изведувач на макфестовската сцена со Кукло моја несудена“, Филип Пешевски продолжи да ја освојува македонската публика и пролетва со „Крај мене во бело си, па како следен чекор логично беше да нè почести и со летен хит. Имено, младиот музичар штотуку ја претстави темата насловена „Без оглед на сè“, спакувана со соодветно летно видео, снимено на идиличните плажи во Саранда, Албанија.

Ова воедно е и прва соработка со докажаните хитмејкери и автори на едни од најслушаните македонски хитови – братско-сестринскиот двоец Лазар и Магдалена Цветкоски – што дополнително ќе придонесе за успехот на новиот сингл, чија екранизација е дело на екипата на продукцијата „Блек меџик студиос“, под режисерската палка на Никола Автовски.

„Драги мои, ви ја подарувам мојата нова песна и видео, која што се надевам ќе биде хит ова лето. Ви благодарам за целата поддршката што ми ја давате, само тоа ми дава храброст да продолжам да творам понатаму. Уживајте, се надевам ќе ви се допадне“, напиша Пешевски, а како изгледа и звучи „Без оглед на сè“, дознајте во продолжение.



Врати се горе ↑