Концерт

20 декември, 2017

Филхармонија во чест на музичкиот волшебник Шпато

„Филхармонија за Шпато“ е насловот на концертот на Македонската филхармонија кој ќе се одржи на 21 декември, четврток во големата сала, со почеток во 20 часот. Концертот е посветен на македонскиот музички маг Драган Ѓаконовски-Шпато, по повод 30-годишнината од неговата смрт.

Диригент е Џеси Милинер од Германија, композитор, аранжер и пијанист, кој е задолжен и за оркестрациите на дел од композициите што ќе прозвучат таа вечер. На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, ќе има и бенд во состав: Мартин Ѓаконовски – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Левин Ѓаконовски – тапани и Франческа Рајтер – виолина, а концертот ќе го збогати и присуството на гостите: Џон Илија Апелгрен – вокал и Кирил Кузмановски – саксофон.

Ќе бидат изведени едни од најубавите композиции на Шпато, како „Далечен крај“, „Те носам во себе“, „Глас од далечината“, „Без повраток“, „Дојди есен“, „Молчи една долина“, „Убава со како музика“, „Зар вистина е крај“, „За нас почнува живот“…

 

Со својата музичка генијалност тој беше далеку над времето во кое се наоѓаа забавната музика и џезот во Македонија. Беше единствен по својата способност да ги дешифрира тонските снимки. Тоа не беше препишување, туку една вистинска музичка креација. Од таа музика тој правеше совршени аранжмани за скромните музички ансамбли“, ова се зборовите на музичкиот гениј, композитор и пијанист Ладислав Палфи за Шпато.

Македонскиот композитор, диригент и музички аранжер Драган Ѓаконовски-Шпато (1931-1987) се смета за зачетник на македонската забавна музика, кој зад себе остави вистинско звучно богатство чија убавина, автентичност и влијанието што го изврши не се надминати. „Во име на цветот“, „Гарача“, „Далечен крај“, „Жолта липа“, „За нас почнува живот“, „Зар вистина е крај“, „Лени“, „Ми вети ти“, „Молчи една долина“, „Носталгија“, „Последен ден на разделбата“, „Љубовна тема“… се дел од вокалните композиции кои не се само печат на едно време, туку се дел и од ова наше денешно совремие, особено сликајќи го животот во Скопје, преку лириката, но и преку музичката содржина, формата, хармонските решенија, наративноста. Незаборавни се и инструменталните теми во кои е инкорпориран џез и блуз-изразот, како „Блузот на црната жена“, „Песна на младоста вечна“, „Rаg Time“, „Гитарата ја оплакува смртта на Муриета“, „Далечен крај“, „Дојди есен“, „Кога си сама“, „Јас не сум ти“… Неговата прва композиција е насловена „Тема И“ (1947), по која се нижат другите музички бисери.

 

Шпато потекнувал од музичко семејство. Најпрвин изучувал виолина, а потоа и хармоника и како член на семејно трио, заедно со татко му Васил и неговиот постар брат Хари, ги имал и првите јавни настапи. Всушност, настапот на триото „Шпато“ во програмата на Радио Скопје се смета и за почетокот на македонската забавна музичка сцена. Подоцна, Шпато почнал да ги проучува сите инструменти и да аранжира музика од, во тоа време, славните звучни имиња и особено да ја следи џез-музиката. Бил еден од најпознатите композитори и во рамките на поранешна Југославија, учествувајќи на тамошните фестивали и здобивајќи се со многубројни награди. Песната „Еден бакнеж“на пример, доживеала посебен успех изведена на фестивалот „Опатија“ (1962), во негов аранжман. Од посебно значење за македонската музичка сцена е формирањето на познатиот вокален квартет „Импулси“ (1969), кога Шпато остварува исклучително плодна творечка активност.

Извор и фотографија: Нова Македонија / Македонска филхармонија



Врати се горе ↑