Балкан fifi

4 март, 2015

Фифи конечно откри што се случувало на „Х фактор“

Како што се загрева атмосферата пред втората сезона на „Х фактор“, минатогодишната учесничка на натпреварот, Фифи откри што се случувало зад камерите. Имено, пејачката реши конечно јавно да проговори за лошиот третман на натпреварувачите и сè што доживеала за време на првата сезона, којашто ја реализираше „МБК продукција“.

„Бидејќи мислам дека никој од кандидатите кои бевме на минатогодишната сезона на ’Х фактор’ не проговорил јавно што всушност таму се случуваше и како нè тераа пред камери и на интервјуа да се правиме дека сè е во ред , еве јас не се плашам од никој освен од самата себе, па ќе кажам. 
Епа вака…
Мене лично ме ставија во бендови (ме дискриминираа) бидејќи продукцијата не знаела дали да ме стави во машки или женски изведувачи (од самиот старт знаев какво ќе биде ова шоу, бидејќи јас јавно се изјаснив дека сум транс жена и се знае каде требаше да бидам, и искрено затоа и престанав да се однесувам професионално и да давам сè од себе , бидејќи професионалци таму немаше). До Шимановци секој ден нè носеа на проба со раскантан, стар, смрдлив автобус полн со прашина. Секое сабајле ќе станевме во 7 и кога ќе стигневме таму чекавме барем 4 часа додека да пробаме на сцена. Нè оставаа без храна, тоа што јадевме претежно беше храна која ја праќаа родителите на некои од учесниците, год блесс родителите на ’Доктори’ и Маринела. Нè носеа од хостел во хостел , нема ни да коментирам како живеевме, посебно бендовите, бидејќи веројатно ги сметаат за понизок ранг, не знам зошто. Си играа со гласовите, враќаа во шоуто кого сакаат и исфрлаа кого сакаат, така што кога сте гласале џабе сте гласале! Кога ме исфрлија мене од шоуто, ме исфрлија со 2 пати повеќе гласови од публика отколку што имаше Александра Секулиќ, со која јас и Маринела се најдовме во дуел. Ин еар-от, кога пеевме на сцена, речиси никогаш не работеше и неизбежно беше да се фалшира, не се слушаш што пееш човече! На концертот во Скопје, кога наполнивме цела сала, ни платија по 100€! За гардеробата која ни ја даваа и нè облекуваа во неа, што да ви кажам?! Знаете и самите… Вечерта пред да испаднам, од што беа ‘професионални’, оние кои нè облекуваа и беа премногу ‘културни’, јас дојдов до ситуација 5 минути пред да настапам да ме навредува и да се степам со една кокошка која работеше како ‘стилист’, оди па пеј убаво брате! Има уште многу… Но мислам дека и ова е доволно. Поздрав до сите и единствено добро од тоа шоу е што среќа ни ги нема договорите и запознав прекрасни луѓе со кои делиме исти соништа и некаде во светов вредат МИЛИОНИ!“, напиша Фифи на Фејсбук.

 Не е расчитено ни со Даниел…

Уште поголема „дамка“ на продукцијата „МБК“, која меѓу другото го реализираше и првиот и единствен „Македонски идол“ во 2010 година, е и тоа што сè уште не си ги исполнила обрските кон победникот Даниел Кајмакоски. Имено, како што пишува српски „Свет“, Кајмакоски сè уште не добил ништо од ветеното.

 „Издавачката куќа ’Сони’ за регионот ја застапува фирмата ’Менарт’ од Загреб и тие би требало да го финансираат албумот, видео записите и сè што оди со тоа. Во првобитниот договор, кој Кајмакоски го потпиша со оваа фирма, стои дека сè мора да се исполни до ноември 2014, што не се случи. Му пратија седум песни, од кои Даниел зеде само една, бидејќи во договорот стои дека и тој има право да учествува во изборот на композициите и заедно со нив да учествува во градењето на својата кариера. Од првобитниот план дека како награда за прво место ќе освои 200.000 евра немаше ништо. Ги сменија одлуките и на крајот испадна дека во тие 200.000 евра спаѓа и автомобил и албум и сè останато. На крајот дури ни од тоа немаше ништо“, рекол за „Свет“ извор добро упатен за проблемите на Даниел, додавајќи: „Дури и автомобилот кој го доби после финалето не е на негово име бидејќи продукцијата не платила данок за пренос на сопственоста, така што во секој момент може да остане без автомобил.“

Судбината на автомобилот, кој Даниел го доби како дел од наградата, неодамна стана уште понеизвесна, бидејќи познатиот пејач доживеал сообраќајна несреќа, во која за среќа останал неповреден, но „Мини куперот“ бил целосно уништен.

Како што дознава српскиот весник, Даниел морал да се појави во првата емисија од втората сезона на „Х фактор“ како победник од првата сезона, но тој не сакал да го направи тоа бидејќи со продукцијата работите не се расчистени. Засега е неизвесно дали ќе се појави, но тоа по лиценцата едноставно мора да се случи.

„Сè уште немам снимено албум, ниту направено дефинитивно договор со ’Менарт’ и продукцијата ’Х Фактор’, но не губам надеж дека тоа ќе се случи бидејќи на сите состаноци јас покажав подготвеност за соработка. До сега снимив една песна, додека остатокот од мојот албум уште чека и тоа не по моја вина. Жал ми е што албумот не го снимив минатата година, како што според договорот требаше да биде. Жал ми е и што сè се пролонгира, но не сакам да верувам дека нема да случи она што ми е ветено и што добија сите победници на ’Х фактор’ во светот“, вели Даниел за српскиот магазин, додавајќи дека неговото појавување во првата емисија од втората сезона на „Х фактор“ зависи само од продукцијата. „Доколку се реализира она што како победник ми е гарантирано ќе ми биде задволство да се појавам на отворањето на новата сезона“, рекол Даниел.

Избришани сите настапи од „Јујтуб

Веројатно бидејќи втората сезона на „Х фактор“ ќе ја реализираaт српската телевизија „Прва“ и новата продукција „Конект лајв медија“, сите снимки од првата сезона се отстранети од „Јутјуб“, на што реагираше и Алекса Перовиќ: „Бидејќи слушам дека ни се избришани сите снимки од настапите, сакам да им порачам нешто на луѓето кои се задолжени за отстранување на снимките: Благодарам на продукцијата што ми даде шанса да се занимавам со работата што ја сакам и слободно бришете ги снимките, не грижете се, ние повторно ќе ги прикачиме.“

Се надеваме дека со новата продукција нема да се повтори истата приказна и дека секој ќе си го добие заслуженото.



Врати се горе ↑