Македонија high_babazula_hantaarita_large

20 ноември, 2012

Фестивал на светска музика во Битола

Во градот на конзулите од 6-ти до 8-ми декември ќе се одржи Фестивал на светска музика во Центарот за култура – Битола. Во текот на трите вечери дел од програмата ќе бидат популарната турска група „Баба Зула“, пијанистот Васил Хаџиманов, Каролина Гочева и составот Љубојна.

Васил Хаџиманов

Манифестацијата почнува на 6 декември со концерт на Љубојна, на кој бендот ќе го промовира албумот „Брас фантаси“. Следниот ден, што воедно е и прва фестивалска вечер, ќе настапат Хаџиманов и неговата група. Бендот е познат по уникатната хемија и големиот спектар на стилови. По нив, на сцена ќе се качи Kаролина Гочева. Таа ќе одржи интимен концерт на кој ќе се претстави со материјалот од изданието „Македонско девојче“. Пејачката ќе биде придружувана од Николче Мицевски на хармоника, Благојче Трајковски на кларинет, Зоран Kостадиновски на гитара, Оливер Јосифовски на контрабас и Зоран Ристевски на тапани.

Каролина Гочева

На 8 декември фестивалот ќе го затворат ексклузивните гости од Турција – „Баба Зула“. Познати се по својата музика во која комбинираат ориентални инструменти со модерен електронски звук. Нивните настапи претставуваат уникатно доживување за публиката, поради што медиумите ги опишуваат како најсаканиот турски бенд. „Баба Зула“ редовно настапува во Франција, Италија, Германија итн. Групата ќе се претстави во состав: Левент Акман, Мурат Ертел и Kосар Kамчи и заедно со соработничката од Македонија, вокалистката на нашиот бенд „Баклава“, Елена Христова.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија. Селектор на програмата и уметнички директор на фестивалот е Оливер Јосифовски.



Врати се горе ↑