Македонија Фестивал - постер

14 јуни, 2014

Фестивал на современ танц и театар во Битола‏

Фестивал на современ танц и театар на кој специјален гостин ќе биде реномираниот танчер и кореограф Милош Софреновиќ, ќе се одржи од 15 до 22 јуни во „Интимен театар“ во Битола. Во тек на една недела, публиката ќе може да погледне шест претстави меѓу кои и ексклузивна изведба на WIL(L)HELM – THE ANATOMY OF WILL на Софреновиќ. Делото премиерно беше прикажано на почетокот на месецов на Dance week во Загреб, Хрватска додека втора земја во која ќе се игра е Македонија.

Дел од фестивалската програма се и четири работилници. Отворени се за актери, танчери, кореографи и студенти на факултетите за уметност освен една која е наменета за деца до 13 години. Софреновиќ кој се школувал на Trinity Laban Conservatoire во Лондон, а моментално живее во Виена, ќе одржи тридневна работилница на тема „Односот помеѓу невербалниот и вербалниот сценски израз во театарот“. Исто така искусните македонски танчери и кореографи Викторија Илиоска, Климент Попоски и Кире Миладиновски ќе ги споделат своите искуства на три други бесплатни работилници.

Милош Софреновиќ (1976) е изведувачки уметник, кореограф, режисер и фестивалски куратор. Роден е во Белград, но се школувал во познатата танц академија Trinity Laban Conservatory во Лондон. Има добиено голем број стипендии и соработувал со познати кореографи меѓу кои: Мајкл Лазиќ (Белгија), Ана Санчез Колберг (Лондон), Кит Џонсон (Данска), Лиз Кинг (Виена), Дени Тен (Сингапур), Михаил Хонесау (Берлин), Филипо Армати (Локарно), Соња Вукичевиќ (Белград). Ги претставувал своите дела во Њујорк, Лондон, Единбург, Виена, Истанбул, Сингапур, Стокхолм, Грац, Белград итн. Бил дел од жирито на неколку фестивали и натпревари, а во моментов е селектор на интернационалниот театарски фестивал INFANT во Нови Сад.

РАБОТИЛНИЦИ

ОДНОС ПОМЕЃУ НЕВЕРБАЛНИОТ И ВЕРБАЛНИОТ ИЗРАЗ ВО ТЕАТАРОТ, Милош Софреновиќ

Работилницата ќе трае три дена (16, 17 и 18 јуни). Работните сесии на работилницата ќе бидат од 10 до 13 часот и од 14 до 17 часот. Котизацијата за учество е 1200 денари, а пријавувањето трае до 14 јуни. Може да се аплицира на телефонот 078/307 569 или на нашата страница на „Фејсбук“.

 

УРБАНИ НАРАТИВИ, Викторија Илиоска и Климент Попоски

Еднодневна работилница која ќе се одржи на 19 јуни. Целта е учесниците да ги истражат принципите на ослободување на телото, движењето и звукот. Воркшопот ќе заврши со мала презентација. Идејата е на сцена да се донесат секојдевни ситуации и од сето тоа да се направи претстава. Викторија Илиоска е е дел е од програмата за поддршка и развој на современиот танц на центарот „Локомотива“. Ја завршува последната година на студиите по современа танцова педагогија во класата на Искра Шукарова. Климент Попоски има завршено на The National Theatre Drama во Мелбурн, Австралија. Настапувал во Америка и Австралија. Соработувал со Traffic Physical Theatre од Хрватска и член е на центарот „Локомотива“ во Македонија. Учеството на работилницата е бесплатно. Но пријавувањето е до 14 јуни на телефонот 078/307 569 или на нашата страница на „Фејсбук“.

 

ИМПРОВИЗАЦИИ ВО ТАНЦОТ, Кире Миладиноски

Еднодневна работилница која ќе се одржи на 21 јуни од 10 до 13 часот. Отворена е за деца до 13 години, а учеството е бесплатно. Сите заинтересирани треба да се пријавуваат до 14 јуни на телефонот 078/307 569 или на нашата страница на „Фејсбук“. Работилницата ќе ја води македонскиот кореограф и танчер Кире Миладиноски.

 

КАКО ДА СЕ НАПРАВИ СЕКОЈ ДЕЛ ОД ТЕЛОТО ВО РАМНОПРАВЕН УЧЕСНИК ВО ТАНЦОТ, Кире Миладиноски

Работилницата е закажана за 22 јуни. Фокусот е да се добие подлабока перцепција за сопственото тело во движење и да се изгради ефикасен и креативен пристап кон танцот. Ќе се почне со истражување на тоа како телото одговара на релаксација и имагинација за да се продолжи со вежби за импровизација. Кире Миладиноски со години наназад е активен дел од македонската театарска и танц сцена. Учествувал на повеќе фестивали во земјава како и во Шпанија, Германија, Словенија итн.

Учеството на работилницата е бесплатно. Треба да се пријавите до 14 јуни на телефонот 078/307 569 или на нашата страница на „Фејсбук“.

ПРОГРАМА

ФАКТОР ЖЕНА, 15 (недела) и 16 јуни (понеделник) во 20 часот – цена 100 денари

„Фактор жена“ е во режија на Димитар Шутевски, а во изведба на младинската театарска група „Без маска“. Текстот е на Ана Жежовска. Делото опфаќа 4 женски приказни кои се работени според вистински случки. Се зборува за одлуките донесени од страна на жените и какви се тие кога се гледани низ машка призма. Улогите ги толкуваат: Христина Стефановска, Симона Овезовска, Симеона Павловска и авторката на текстот, Жежовска.

 

ЛОЛА, 19 јуни (четврток) во 20 часот – цена 150 денари

Монодрамата „Лола“ е во режија на Софија Ристевска, а главната улога ја толкува професионалната актерка Македонка Илиевска. Хероината е жена која се обидува да преживее во време на ЕКОНОМСКА, ПОЛИТИЧКА и ДУХОВНА КРИЗА. „Лола“ е работена според документирани, вистинити текстови кои се обработени од режисерката Ристевска. Делото премиерно беше изведено на меѓународниот фестивал KNOTS во Сан Педро, Аргентина. Потоа „Лола“ ја погледна и публиката во Скопје и Битола, а претставата беше дел и од фестивалите „Битолско културно лето“ и „Ристо Шишков“.

 

ТРАНСФЕРАТУ, 20 јуни (петок) во 20 часот – цена 150 денари

„Трансферату“ е во режија на Софија Ристевска, а главните улоги ги толкуваат актерите Здравко Стојмиров и Маја Андоновска Илијевски. Станува збор за млада девојка која одлучува да направи пластична операција и да го преобрази своето лице во лице на коза. Текстот за „Трансферату“ во првичната форма е радио драма за која писателите Младен Алексиев и Станимир Панајотов од Бугарија, ја добија главната награда на интернационалниот медиа фестивал The 8th Muse. Режисерката Ристевска го преточи во театарска претстава.

 

WIL(L)HELM – THE ANATOMY OF WILL, 21 јуни (сабота) во 20 часот – 150 денари

Кореограф, режисер и главен актер е реномираниот уметник Милош Софреновиќ, а ова дело премиерно беше прикажано на 4 јуни на танц неделата во Загреб. Втора изведба е во нашиот „Интимен театар“ во Битола. Софреновиќ е роден во Белград, а се школувал во почитуваната танц академија во Лондон, Trinity Laban Conservatoire. Моментално живее и работи во Виена. Бил член на жирито на некои од најпознатите танц натпревари и фестивали во регионот и моментално е селектор на Интернационалниот театарски фестивал INFANT во Нови Сад.

ПАТОТ НАВНАТРЕ, 22 јуни (недела) во 19 часот – цена 150 денари

Кореограф, режисер и главен актер е Кире Миладиноски. Се работи за уметник кој е активен дел од македонската театарска и танц сцена со години наназад. Досега учествувал на повеќе фестивали во земјава, но и во Шпанија, Германија, Словенија итн. Во „Интимен театар“ ќе го претстави своето дело „Патот навнатре“.

 

2MOTHERS BROTHERS, 22 јуни (недела) во 20 часот – цена 150 денари

Комично кабаре шоу во режија и изведба на Стрезо Стаматовски и Никола Тодороски. Тие во живо изведуваат музички преработки надополнети со креативен сценски материјал на теми од актуелниот живот. Шоуто е микс на музика во живо, стенд ап, скеч комедија и импровизација.



Врати се горе ↑