Настани 391d45802a606be64095bd7b66c67316_L

14 јуни, 2013

Фери Корстен доаѓа на „Green Beach Festival 4“

Green Beach Festival и обалата на плажата Парк во Охрид веќе со години е вистинско одредиште за сите кои се желни за незаборавна забава со врвните светски диџеи, а на наше особено задоволство, фестивалот и годинава ја продолжува традицијата како број 1 летен настан во Македонија и регионот. Во организација на Password Production и Octopussy Entertainment, на 2-ри Август 2013 ќе се одржи четвртото издание на Green Beach Festival, настанот кој со својата програма стана една од дестинациите на светската диџеј елита. По грандиозните настапи на Paul Van Dyk на првото издание и ланската кулминација со Armin Van Buuren, првиот артист кој ви го претставува Green Beach Festival 4 е ни повеќе ни помалку, туку самиот мастер на транс музиката FERRY CORSTEN.

Продуцент, диџеј, пионер, иноватор, визионер – FERRY CORSTEN е човекот кој самостојно ја иницираше револуцијата во денс музиката – оној кој одамна допре до секој дел од светот. Креирајќи го холандскиот транс звук, истиот тој звук го наметна на клубската свесност и понатаму го издигна во популарната култура.  Од тогаш продолжува да иновира на секој чекор, работејќи со вокалисти како што се различните SimonLe Bon и Guru и правејќи ремикси за некои од најдокажаните светски музички имиња, меѓу кои и U2, The Killers, Faithless, Moby и William Orbit. Во дваесетгодишната кариера тој предвиде што е она што го сака клубската публика и како артист, диџеј и продуцент, им го донесе токму тоа. Има објавено четири албуми под неговото име со кои ги освои срцата и импресиите на легии фанови, а по пат ги освои некои од најпрестижните светски музички награди. Редовно е рангиран како еден од најдобрите 10 диџеи на светот, а последните години се посвети и на добротворните активности, соработувајќи со фондацијата World Wildlife Fund. Сепак, покрај сето тоа, тој сѐ уште е еден од најприземните диџеи кои цврсто стојат на нозе.

Фери Корстен ја започна својата кариера во деведесеттите години како музичар кој самиот ја компонира својата музика. Неговото прво студиско издание пристигна во 1991 година кога ја објави легендарната рејв трака „Spirit of Adventure“. Во 1995 година под името Hole In One и на возраст до само 21 година, тој ја освои престижната De Grote Prijs van Nederland награда, како признание за неговиот исклучителен придонес на холандската електро и денс музичка сцена.

Во 1997 година ја основа својата издавачка куќа Tsunami Records, а следната година под неговиот алиас System F, вистински ги раздвои атомите на овој стил. Вистинската EDM пресвртница „Out of the blue“ беше врвот на транс звукот кој го лансираше Фери Корстен. Во рок од 6 месеци, овој холандски транс звук ја презеде контролата на европските подиуми и националните топ листи. Неговито ремикс на „Barber’s Adagio For Strings“ на William Orbit стана топ 5 во Велика Британија, каде што неговите достигнувања беа препознати и од страна на Muzik Magazine кој го прогласи за Продуцент на годината за 1999 на Ericsson Muzik наградите. Од тогаш неговата кариера на суперстар продуцент прерасна во суперстар диџеј. Тој влезе и во топ 100 листата на најдобри диџеи на DJ Magazine, каде што се задржа цели 12 години меѓу топ 10 најдобрите светски диџеи. Беше два пати прогласен за Најдобар транс диџеј на Ibiza Awards, во 2005 и 2007 година, кога истотака беше прогласен и за Диџеј на годината од страна на националното холандско радио Slam!FM. Во 2005 ја започна и сопствената комапнија Flashover Recordings, а учествуваше и во Trance Nation серијалот заеднос со Ministry of Sound, кој беше распродаден во милионски тираж. Во 2007 Ferry Corsten го стартуваше и неговото радио шоу Corsten’s Countdown, кое со својот уникатен концепт прерасна во најинтерактивното радио шоу во светот.

Карактеристично за него е тоа што до сега својата музика ја има објавувано под повеќе од 30 различни имиња, а некои од нив станаа толку популарни што се појавуваа паралелно до неговото име. Најпрепознатливи меѓу нив беа System F, Moonman, Eon, Albion и Pulp Victim.

Тој постојано ужива и во динамиката на работата во студио, која пак му донесе многу значајни соработки со различни артисти, од Public Enemy па сѐ до Simon Le Bon. Како ко-продуцент придонесе и за развојот на кариерите на многу артисти, меѓу кои Tiësto и Armin van Buuren, со кој пак неодамна повторно станаа тим во неколку заеднички проекти. Откако во 2011 ја одбележа 20 годишнината од својата работа на електро денс сцената, минатата година Фери Корстен го објави и својот последен студиски албум „WKND“.

Со неговиот секогаш уникатен и иновативен музички стил, но и новите изненадувања на фестивалот, посебно уредената плажа Парк повторно ќе биде епицентарот на електронската фестивалска енергија и илјадниците фанови на врвниот звук на модерната музика. Сите кои досега биле дел од Green Beach искуството, знаат каква е таа магична трансформација на специјално уредената плажа Парк за овој настан: повеќе од 10.000 весели клабери, танчерки, несекојдневно аудио-визуелно доживување и незаборавно чувство кога со разиграните луѓе наоколу ќе го дочекате изгрејсонцето на плажа Парк.

Подгответе се за уште еден незаборавен Green Beach фестивал, а наскоро очекувајте и други имиња од светската диџеј елита.



Врати се горе ↑