Настани 28ce4f9c-bd51-4ec7-9fa0-e5057fdf8ad0

26 февруари, 2015

„Феитлес“ ќе прослават 20 години работа со историски настап на „Егзит денс арена“!

„Insomnia“ и „God Is A DJ“ за спектакл на арената!

Еден од најголемите електронски бендови на сите времиња „Феитлес“ (Faithless) премиерно ќе настапи во целосен концертен состав на 12 јули на „Егзит денс арена“ (Exit Dance Arenа)! Тоа ќе биде продукциски најголемиот спектакл и најзначајниот концерт во историјата на една од најпопуларните електронски бини во светот! Славниот бенд од Лондон го објави овогодишното враќање на сцената со серија одбрани настапи со кои одбележуваат 20 години работа како и со ремикс албумот „Faithless 2.0“. Покрај современите верзии на енергичните класики како што се „Insomnia“, „God Is A DJ“ и „We Come One“, изданието содржи и три нови песни! „Феитлес“ на оовј начин ќе го заокружи опусот од седум албуми и небројни синглови од врвот на светските топ листи, распродадени во повеќе од 15 милиони примероци. Во оваа пригода ја објавуваме и листата на изведувачи која на 10 јули на арената ќе ја предводи холандската суперѕвезда Хардвел (Hardwell), а тоа се хитмејкерите Оливер Хелденс (Oliver Heldens) и „Кил д Баз“ (Kill The Buzz), како и данскиот продуцент Келш (Kölsch) и многу посакуваното диџеј дуо „Кетс ен догз“ (Catz ’n Dogz)!

Креативното јадро на групата „Феитлес“ (Faithless) го сочинуваат харизматичниот фронтмен Макси Џез (Maxi Jazz), мулти-иструменталистката Систер Блис (Sister Bliss), како и продуцентот Роло (Rollo), кој дејствува зад очите на јавноста и не учествува на концертите. Од целосна анонимност, во јули 1995 година ги исфрла првиот сингл „Salva Mea“, кој завршува на првото место на американската денс листа и во топ 10 сингловите во Европа! Глобалниот успех го потврдуваат со една од најважните електронски нумери на сите времиња, хит-синглот „Insomnia“ од мулти-платинестиот албум „Reverence“. Неколку години подоцна излегува и втората апсолутна химна „God Is A DJ“, а во 2001 година стигнува новата танцувачка мантра „We Come 1“! Третиот албум ги носи подеднакво популарните песни „One Step Too Far“, „Muhammad Ali“ и „Tarantula“, додека следниот албум „No Roots“ се искачува на самиот врв на британската листа на албуми со хитови како „Mass Destruction“, „I Want More“, „Miss U Less, See U More“ и „What About Love“. И следното издание, компилацијата од хитови „Faithless Forever“ го запечатува врвот на албумските листи со хаус баладата „Why Go?“.

 

Следуваа и одличните албуми „To All New Arrivals“ од 2006 и „The Dance“ од 2010 година, како и вториот по ред хедлајнерски настап за 40-годишнината на фестивалот „Гластонбери“ и големата светска турнеја која траеше скоро две години. Исцрпен од турнејата, но благодарен за сè што остварија заедно, Макси Џез пролетта во 2001 објави дека тоа била нивната проштална турнеја, а двата распродадени и финални концерти во Лондон со директен пренос ги следеа и фановите во најголемите кино сали ширум светот.

 

Макси Џез (Maxi Jazz) музичката кариера ја започна како диџеј на пиратските радио станици во родниот Брикстон, а на почетокот на 90-тите водеше мала издавачка куќа и настапуваше со својот прв бенд „Д соул фуд кафе“ (The Soul Food Cafe) како предгрупа на „Џамироквај“ (Jamiroquai) и „Соул ту соул“ (Soul II Soul). Пред основањето на „Феитлес“, со Макси настапуваше и даб-мајсторот на лондонската сцена Џа Вобл (Jah Wobble) од „Паблик имиџ лимитед“ (Public Image Ltd). Кога не престојува на Јамајка и не настапува ширум светот, Макси учествува во професионални автомобилски трки во „Порше Карера“ купот на Велика Британија, а од неодамна е и почесен директор на фудбалскиот клуб „Кристал Палас“! Иако името „Феитлес“ поинаку звучи, Макси Џез е многу религиозен и веќе со децении посветен на будизмот.

 

Систер Блис (Sister Bliss) освен по немерливиот придонес за танцувачките аранжмани на групата „Феитлес“, воедно е глобално призната и како диџеј и хаус продуцентка. Класично музички образована, нејзините композиторски и продуцентски вештини преку соработките ги потврдија и Дајдо (Dido), Бој Џорџ (Boy George), Роберт Смит (Robert Smith), „Егземпл“ (Example) и други. Блис, како што денес кратко се потпишува, ја направи музиката за филмовите „Плажа“ (The Beach) на Дени Бојл, „Војна со ножеви“ (Knife Fight) на оскаровецот Бил Гутентаг и вториот дел од серијалот „Секс и градот“, а неодамна на „Фјус“ фестивалот изведе и класично дело со Лондонската симфониета.

 

Влезниците за фестивалот „Егзит“ се достапни по цена од 3.599 денари, а за „Си Денс“ 2.240 денари. Единствената влезница за повеќе од десет дена на „Егзит“ Авантурата од Петроварадин до Јаз, може да се набави за само 4.299 денари преку продажната мрежа на МКтикетс или во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат). За сите кои сакаат покрај влезниците на време да го осигураат и сместувањето на двата фестивала, пакетите можат да ги најадат на сајтот www.exittrip.org, официјалната туристичка агенција на „Егзит“.



Врати се горе ↑