18 март, 2017

Фаворитот за победа на „Евросонг 2017“ го претстави официјалното видео

Според обложувалниците, веќе извесно време фаворит за победа е темата „Occidentali’s Karma“, со која Франческо Габани ќе ги брани боите на Италија на претстојниот Избор за песна на Евровизија. 34-годишниот пејач триумфираше на годинешното, 67. по ред издание на реномираниот италијански фестивал „Сан ремо“, обезбедувајќи си билет за Киев.

Според Габани, кој ја напиша песната заедно со колегите Филипо Габани, Фабио Илаква и Лука Кјаравали, „Occidentali’s Karma“ (Кармата на Западњаците) ги исмева Западњаците кои веруваат дека можат да ги присвојат источните култури, земајќи ги како пример индиските религии, како и човековата еволуција од мајмун. Исто така, тој сака да нагласи како модерното општество е поделено меѓу искушението за продуховеност и потребата за изглед и појава, а луѓето ги опишува како „анонимни зависници од селфи“, додека употребата на саксонскиот генитив во песната и рефренот се дополнителни критики за англиканизацијата на италијанскиот јазик.

francesco-gabbani-occidentalis-karma-copertina-e1485522732637

Сето тоа е визуализирано и во штотуку објавеното видео за песната, а како изгледа и звучи сето тоа можете да погледнете горе. Доколку Габани победи на претстојниот „Евросонг“, тоа ќе биде 3. победа за Италија, која во натпреварот учествува од самото основање во 1956 година. Првата победа ја забележа во 1964, кога Џиљола Чинквети триумфираше со „Non ho l’età“, а втората победничка тема е евровизискиот евергрин „Insieme“ на Тото Кутуњо (1991), која беше и своевидна најава за формирањето на Европската Унија.

Според обложувалниците, меѓу првите 5 сè уште нема никакви промени, односно и понатаму на 2. место е Белгија, на 3. Шведска, на 4. Бугарија и на 5. Португалија, а Македонија полека се искачува на табелата, каде што во моментов се наоѓа на 16. место. Дали ова значи дека имаме загарантиран влез во финале останува да дознаеме на 11 мај, кога нашата претставничка Јана во втората полуфинална вечер ќе „Танцува сама“.

еск

И.Ј.

 



Врати се горе ↑