Свет

22 јануари, 2019

„Фаворитот“ и „Рома“ со по 10 номинации за Оскар

Стигнаа номинациите за годинашното, 91. по ред доделување на академските филмски награди, популарно наречени Оскар, а потенцијални добитници на најмногу награди се драмите „Фаворитот“ и „Рома“, кои се во трка за по десет статуетки. Двата филма се номинирани и за главната категорија за најдобар филм, заедно со „Црниот член на Кју Клукс Клан“, „Црниот пантер“, „Боемската рапсодија“, „Зелената книга“, „Ѕвездата е родена“ и „Заменикот“.

Последниве два исто така доминираат на списокот со номинации, натпреварувајќи се во по осум категории, веднаш зад нив се „Црниот пантер“ со седум номинации, „Црниот член на ККК“ со шест и „Боемската рапсодија“ и „Зелената книга“ со по пет номинации.

 

Во категоријата за најдобра режија, пак, Спајк Ли конечно ја доби својата прва номинација за Оскар (за „Црниот член на ККК“), а конкуренција му се Алфонсо Куарон (Рома), Јоргос Лантимос (Фаворитот), Адам МекКеј (Заменик) и Павел Павликовски (Студена војна).

За најдобри актери номинирани се: Кристијан Бејл (Заменик), Бредли Купер (Ѕвездата е родена), Вилем Дафо (На портите од вечноста), Рами Малек (Боемска рапсодија) и Виго Мортенсен (Зелената книга), а за најдобри актерки: Јалица Апарисио (Рома), Глен Клоуз (Сопругата), Оливија Колман (Фаворитот), Лејди Гага (Ѕвездата е родена) и Мелиса Мекарти (Ќе ми простиш ли некогаш?).

 

За најдобра споредна улога, пак, во машката категорија се натпреваруваат: Махершала Али (Зелената книга), Адам Драјвер (Црн член на ККК), Сем Елиот (Ѕвездата е родена), Ричард И. Грант (Ќе ми простиш ли некогаш?) и Сем Роквел (Заменик), додека во женската категорија се натпреваруваат: Ејми Адамс (Заменик), Марина де Тавира (Рома), Реџина Кинг (Ако улицата ’Бил’ можеше да зборува) и Ема Стоун и Рејчел Вајс за своите улоги во „Фаворитот“.

Потенцијални добитници на наградата за најдобра оригинална музика се: Лудвиг Горансон за „Црниот пантер“, Теренс Бланшар за „Црниот член на ККК“, Николас Брител за „Ако улицата ’Бил’ можеше да зборува“, Александар Деспла за „Остров на кучињата“ и Марк Шајман за „Мери Попинс се враќа“, додека за најдобра оригинална песна номинирани се темите: „All The Stars“ (Црниот пантер), „I’ll Fight“ (РГБ – Рут Бејдер Гинсбург), „The Place Where Lost Things Go“ (Мери Попинс се враќа), „Shallow“ (Ѕвездата е родена) и „When A Cowboy Trades His Spurs For Wings“ (Балада за Бастер Скрагс).

 

Комплетниот список со номинации можете да го видите на официјалната веб-страна на Оскарите, а добитниците ќе ги дознаеме следниот месец, кога доделувањето ќе се одржи на 24 февруари во театарот „Долби“ во Холивуд. По скандалот со Кевин Харт, претстојната манифестација ќе биде прва по 30 години без водител, а новитет годинава е и скратеното време, односно наместо традиционалните 4 или 5 часа, церемонијата ќе трае само 3 часа.



Врати се горе ↑