Свет 10006961_684270694943616_250094262_n

1 април, 2014

Фарел Вилијамс е новиот судија во американскиот „The Voice“

Познатиот музичар и продуцент чии сè уште актуелни хитови ја одбележаа минатата 2013 година, Фарел Вилијамс ќе биде судија и ментор во следната седма сезона на американскиот музички натпревар „The Voice“, заменувајќи го колегата Си-Ло Грин, кој се откажа од овој ангажман поради обврските околу подготовката на нов материјал. Во американската оригинална верзија од овој натпревар, покрај веќе стандардните Адам Левин од Марун 5 и кантри музичарот Блејк Шелтон, до сега во улога на судии се појавија Кристина Агилера и Си-Ло Грин, а во две сезони на нивното место дојдоа Шакира и Ашер, кои се дел и од актуелната шеста сезона.

Имајќи ги предвид соработките на Фарел со Дафт Панк и Најл Роџерс за мегахитот „Get Lucky“, како и „Blurred Lines“ со Робин Тик и многу други, 40-годишниот музичар докажа дека „има уво“ за популарна музика и одлично ќе се снајде со оваа нова улога. По неговото прво соло издание „In My Mind“ од 2006 година, на 3 март беше објавен неговиот втор студиски албум „G I R L“ на кој се најде и хитот „Happy“ снимен за второто продолжение на анимираниот филм „Despicable Me 2“, како и соработки со Џастин Тимберлејк, Дафт Панк, Алиша Киз и Мајли Сајрус, а во тимот на соработници (продуценти, придружни вокали и аранжери) се и имињата на познатиот филмски композитор Ханс Цимер, Тимбаленд, Џоџо, Кели Озборн и други. По „Happy“, како втор сингл на 10 март беше објавена темата насловена „Marilyn Monroe“.

 



Врати се горе ↑