14 јуни, 2013

Фарел, Сиера и многу други го „релансираат“ МySpace

Како што е познато, новиот сопственик на некогаш најпопуларната социјална мрежа MySpace, Џастин Тимберлејк на почетокот на годинава го најави сосема новиот дизајн и функционалност на овој портал, а кампањата штотуку започна на доста спектакуларен начин.

Во динамичниот видео запис кој е објавен за промоција на новото лансирање на овој портал се појавуваат Фарел Вилијамс, Сиера, Скај Фереира и многу други. Но, тоа не е сè! На самиот „освежен“ портал, во рамките на кампањата „Welcome to the Neighbourhood“, во моментов можете да ги преслушате новите песни и ремикси на изведувачи како што се Нрд, Треш Ток, Иги Азалиа, Хит Бој, Мек Милер и многу други.

Сето ова упатува на впечатокот дека Тимберлејк го ориентира новиот Мајспејс повеќе како конкуренција на сервиси како што се Спотифај или Пандора, отколку како „старо-нова“ социјална мрежа, а наскоро ќе биде појасно во кој правец ќе се развива овој портал. За време на преземањето на поголемиот дел во проектот, пејачот и актер своевремено изјавил дека тоа ќе биде место каде што ќе бидат понуден „врвен дигитален сервис за претставување на оригинална ТВ, видео и музичка содржина.“

 

Извор: myspace.com



Врати се горе ↑