Свет youtube-logo

26 декември, 2014

Фарел, „Иглс“ и многу други бараат милијарда долари оштета од „Јутјуб“

„Јутјуб“ е соочен со мошне незгодна тужба со која познати музичари бараат милијарда долари оштета, а нивните адвокати бараат отстранување на 20.000 видео записи од популарниот сервис.

Ирвинг Азоф, основачот на организацијата „Глобал мјузик рајтс“, која застапува околу 40 музичари и нивните наследници меѓу кои се Фарел Вилијамс, „Иглс“, Џон Ленон, Крис Корнел и Смоки Робинсон, тврди дека „Јутјуб“ нема право на прикажување на околу илјада песни од неговите клиенти. Азоф додал дека „Јутјуб“ можеби потпишал договори со некои издавачки куќи, но дека дефинитивно тоа не го направил со самите изведувачи. За „Холивуд репортер“ изјавил дека неговите клиенти одлучиле да побараат надомест токму од „Јутјуб“, а не од останатите сервиси за споделување музика бидејќи овој сервис е „најмалку наклонет кон договорите, а клиените воедно го сметаат и за најголем прекршувач на авторските права“.

Од компанијата „Гугл“, која е и сопственик на „Јутјуб“ и која во новата година планира да го пушти во употреба новиот сервис „Мјузик ки“ (Music Key), сопствен претплатнички музички сервис кој ќе им биде конкуренција на другите како што се „Спотифај“ и „Пандора“, инсистираат дека „Јутјуб“ ги има сите права за емитување на овие спотови во склад со претходните договори.

Во писмото упатено до сервисот „Јутјуб“ овој месец, адвокатот на агенцијата „Глобал мјузик рајтс“, Хауард Кинг наведува дека популарниот видео портал одбил да даде увид во претходно склучените договори.

„Без прикажување на каква било документација, вие едноставно тврдите дека ’Јутјуб’ може да ги игнорира барањата на музичарите бидејќи делува во склад со лиценцата на изведувачките права кои ги нудат други организации освен ’Глобал’. Меѓутоа, одбивате да дадете детали за таквите договори, можеби затоа што тие не постојат за актуелното користење на песните од страна на ’Јутјуб’ и, секако, имајќи ја предвид неодамна најавената услуга ’Мјузик ки’, која ’Гугл’ ќе им ја наплатува на корисниците.“

Британски „Њу мјузикал експрес“ (NME) го контактирал „Јутјуб“ и побарал коментар за ова обвинение, но засега велат дека не добиле никаков одговор.

Прашањето за слушањето музика на интернет и правата на музичарите во последно време повторно е во фокусот на медиумите и индустријата. Имено, неодамна беше објавено дека хитот „Happy“ на Фарел годинава бил преслушан 43 милиони пати на сервисот „Пандора“, за што на авторот за авторските права му се исплатени само 2.700 долари. Во своето неодамнешно обраќање на јавноста, познатиот гитарист и некогашна ѕвезда од „Смитс“, Џони Мар се пожалил за сервисот „Спотифај“, изјавувајќи дека оваа компанија е „спротивност на панк рокот“ и нешто кое „ги спречува новите бендови“.

„Немам некое лесно решение за економијата на модерната музичка индустрија, но мислам дека секако не треба да престанеме да го цениме тоа што го прават бендовите. Не ми се допаѓа тоа што се отфрлаат и занемаруваат некои одлични нешта. Поп културата не е само ’некаква си музика’. Тоа е начин на живот, естетика, став кој е токму спротивен на приципот во кој се притиснува копче и се добива нешто туку така“, вели Мар.

Меѓу незадоволните од бесплатното слушање музика на интернет е и Тејлор Свифт, која неодамна ја повлече сета своја музика од „Спотифај“.



Врати се горе ↑