Промоции Fighting Windmill

10 декември, 2013

Фајтинг Виндмилс со концертна промоција на „Рапсодии во Празно“

Скопскиот бенд Фајтинг Виндмилс (Fighting Windmills) на 12-ти декември 2013 (четврток), со концертна промоција ќе го лансира  нивниот  трет албум Рапсодии во Празно”. Концертниот настап ќе се одржи во бифето на Арт киното „Фросина“ (МКЦ), а ќе биде отворен со изведба на холандското експериментално дуо VONK. Концертот ќе биде проследен со видео-инсталација на Никстер+Хе Меја. Почетокот е закажан за 21 часот, а за време на настапот, по промотивна цена ќе може да се набави албумот во ЦД формат.

„Рапсодии во Празно“ е првото издание на издавачката етикета на бендот – „Рокче Ова-Она, која ексклузивно ќе ги издава сите нивни понатамошни изданија. Албумот е сниман во текот на август, заедно со Ненад Трифуновски и Дени Крстев, додека миксот и мастерингот го изработи Ненад Трифуновски во текот на ноември. Дизајнот на обвивката е на Филип Букршлиев.

Рапсодии во Празно представува една нова, комплетно инструментална и значително помрачна варијанта на звукот на бендот. Се состои од 8 рапсодии и 3 „сиви зони” кои заедно формираат една 50 минутна композиција. „Рапсодии во Празно“ како целина е реквием за каубојците кои јаваат во зајдисонцето, за хеликоптерот на Чаушеску, за дневникот на Винстон Смит и препоните на неговата Џулија. „Рапсодии во Празно“ е крик во сивило и мракобесие  во празнина и вакум, или со други зборови – „Рапсодии во Празно“ е индиго копија на реалноста на 5 млади луѓе од Скопје.

Fighting Windmills се: Филип Букршлиев, Антоние Весковски, Нинослав Спировски, Никола Гугоски, Дени Омерагиќ.



Врати се горе ↑