Балкан bih

26 февруари, 2016

Евровизиските претставници на БиХ бараат финансиска помош од дијаспората

По пауза од 4 години, Босна и Херцеговина се враќа на евровизиската сцена, а како свои претставници ги праќа Дин, пејачката Далал, раперот Јала и хрватската виолончелистка Ана Руцер, кои ќе настапат со темата „Љубав је“. Меѓутоа, на тимот им се потреби финансиски средства, па затоа побараа помош од дијаспората, која може да донира средства преку АПУ Нетворк, мрежа која денес брои повеќе од 500 членови и делува во областите на образованието, науката, културата и спортот.

„Ги повикуваме приватните лица, здруженија и фирмите за поддршка на учеството на Босна и Херцеговина на овогодишната ’Евровизија’ во Стокхолм од 10 до 14 мај 2016 година“, објави тимот.

Целта на оваа кампања е во што покус рок да бидат собрани 376.900 шведски круни (40.300 евра) за трошоците за учество, патувањето и претстој на претставниците на Босна и Херцеговина на „Евровизија“. Иако натпреварувањето е во мај, трошоците требаат да се платат веќе во средината на март, стои на страницата на непрофитната волонтерска организација со седиште во Стоклхолм, која ги собира иселениците од БиХ кои живеат и работат во Шведска и околните земји.

Песните на БиХ често биле меѓу омилените на повеќе изданија на фестивалот, а пласман во финале обезбедиле на сите 18 учества досега. Меѓу изведувачите што ги бранеле боите на оваа земја се Даворин Поповиќ, Дино Мерлин, Марија Шестиќ, Маја Сар, „Регина“ и Хари Мата Хари, кој во 2006 година го достигна највисокото 3. место со Лејла, како и еден од актуелните претставници, Дин, кој со хитот In the Disco во 2004 година заврши на 9. место во финалето.

Дин, Далал, Јала и Ана ќе настапат во првата полуфинална вечер, на 10 мај, а нивната песна насловена „Љубав је“ е комплетно авторско дело на Алмир Ајановиќ. Како звучи сето тоа слушнете во продолжение.

 Фотографии: Фејсбук



Врати се горе ↑