За Вас

6 мај, 2018

Евровизија низ историјата

Непосредно пред 63. издание на најголемиот музички настан на стариот континент, решивме да споделиме неколку интересни податоци поврзани со „Евровизија“, од самиот почеток во 1956 година сè досега. Изборот за песна на Евровизија е годишен натпревар формиран од Европската Радиодифузна Унија (European Broadcasting Union), во чии рамки се натпреваруваат земји членки на Унијата. Настанот е пренесуван во живо секоја година, а покрај европските земји, во последно време се емитува и во САД, Јужна Америка, Канада, Кина, Египет, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и други. Се проценува дека во изминатите години на меѓународно ниво манифестацијата ја следеле од 100 до 600 милиони гледачи, а од 2000 година е овозможен и пренос на Интернет, преку официјалната веб страна на Евровизија.

Голем број светски познати музичари ја започнале својата интернационална кариера токму на евровизиската сцена – Доменико Модуњо се прослави со третопласираната „Nel blu dipinto di blu (Volare)“ во 1958 година, легендарните „АББА“ го освоија светот со победничката „Waterloo“ во 1974, во 1988 година Селин Дион ја обезбеди победата за Швајцарија со песната „Ne partez pas sans moi“, како и латино заводникот Хулио Иглесијас, кој во 1970 година ја  претставувал Шпанија со песната „Gwendolyne“ и го освои 4. место.

 

Потекло и прво издание

Во педесеттите години од минатиот век Европската Радиодифузна Унија сместена во Швајцарија се обидела да пронајде начин да ги обедини нејзините членки преку забавна програма. Во јануари 1955 година во Монако се одржал состанок на комитетот, а идејата за музичкиот натпревар ја добил претседателот на комитетот, Марсел Безансон (Marcel Bezençon). Натпреварот бил осмислен врз основа на веќе постоечкиот италијански фестивал „Санремо“, а концептот тогаш познат како „Eurovision Grand Prix“ бил одобрен на собранието на ЕБУ одржано на 19 октомври 1955 година во Рим, кога се донела и одлуката првото издание да се одржи пролетта 1956 година во Лугано, Швајцарија. Името „Eurovision“ за првпат било искористено од британскиот новинар Џорџ Кемпи (George Campey) во лондонскиот „Ивнинг стандард“ (Evening Standard) во 1951 година.

Првото издание на тогашниот „Евровизиски гран-при“ се одржало на 24 мај 1956 година во Лугано, Швајцарија, а учествувале 7 земји со по 2 песни. Тоа е единственото издание во кое една земја учествувала со повеќе од 1 песна, па од 1957 година секоја земја се претставува само со една песна. На првиот натпревар учествувале Франција, Италија, Белгија, Луксембург, Германија, Холандија и Швајцарија, која е првиот победник со песната „Refrain“.

 

Иако го има предзнакот „eвро“, право на учество во натреварот имаат и земји кои географски не спаѓаат на стариот континент, така што низ годините учествувале и земји како што се Израел, Кипар, Мароко, Турција, Русија, Ерменија, Грузија и Азербејџан. 52 земји барем еднаш учествувале во овој натпревар.

Правила, јазици и „Големата четворка/петка“

Правилата на натпреварот се менуваат со текот на годините. Со исклучок на првото издание, од 1957 година бројот на песни од земја е ограничен на 1, а во големото финале можат да се натпреваруваат само 26 земји. Песните кои ќе бидат изведени во живо не смеат да надминат времетраење од 3 минути и задолжително да бидат оригинални, односно да не се преработки или да користат семплови од други песни. Исто така, не треба да бидат објавени пред 1 септември од претходната година. Во однос на бројот на изведувачи, актуелните правила дозволуваат најмногу 6 изведувачи на сцена и сите да бидат постари од 16 години. Ова правило е воведено во 1990 година откако претходната година две учеснички имале 11 и 12 години. Најмладиот победник на Евровизија е Сандра Ким која имала само 13 години кога во 1986 година со песната „J’aime la vie“ го освои првото место претставувајќи ја Белгија.

 

Од 1956 до 1965 година немало ограничувања ни во поглед на јазикот, но затоа од 1966 до 1972 и потоа повторно од 1978 до 1998 година земјите биле обврзани да настапуваат на својот јазик. Од 1999 година секоја земја има право да избере јазик, а како резултат на тоа многу песни делумно или целосно се изведувани на англиски јазик. Во 2003 година, Белгија најдобро го искористи ова правило и се натпреваруваше со темата Sanomi отпеана на јазик создаден специјално за оваа песна. Истата тактика ја искористи и Холандија во 2008 година, кога песната Amambanda беше делумно отпеана на вештачки јазик. Во 2008 година Белгија повторно испрати песна на вештачки јазик насловена O Julissi, а во 2011 Норвешка се претстави со песната Haba Haba отпеана на англиски и африканскиот јазик свахили. Според правилата на натпреварот, не е дозволено да се учествува со комплетно инструментална композиција.

Од 2000 година досега, право на директен пласман во финалето (без оглед на освоените бодови) имаат Велика Британија, Франција, Германија и Шпанија, а од 2010 година им се придружи и Италија. Оваа одлука била донесена врз основа на фактот што овие земји имаат најголем придонес од финансиски аспект. Токму оваа одлука беше наведена како една од причините поради кои Турција во 2012 година се повлече од натпреварот.

Квалификации и полуфинале

Иако во изминативе години се навикнавме да гледаме 2 полуфинални вечери и една финална вечер, порано натпреварот се одржувал само во еден ден. Имено, од 1997 до 2003 година земјите се квалификувале според бројот на поени од претходната година, но бидејќи ова не им се допаѓало на поголемиот број земји, во 2004 година за прв пат беше воведена полуфинална вечер која се одржувала во среда за време на евровизиската недела, а од 2005 до 2007 се одржувала во четврток. Со оглед на тоа што бројот на земји учеснички постојано се зголемува, во 2008 година беше воведена и втора полуфинална вечер.

Победници и изедначени резултати

Ирска го држи рекордот со најголем број победи освојувајќи го првото место седум пати, меѓу кои и трите последователни победи во 1992, 1993 и 1994 година. Шведска е на второто место со шест победи, Франција, Луксембург и Велика Британија се на третото место со по пет победи, а четири пати победила Холандија. Три победи имаат забележано Данска, Израел и Норвешка, а двапати триумфирале Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Швајцарија и Украина.

Во првите години од натпреварот победуваа „традиционалните“ земји: Франција, Холандија и Луксембург, но со текот на времето нивните победи се сè поретки, така што Холандија последен пат победила во 1975 година, Франција во 1977, а Луксембург во 1983. Последното учество на Евровизија за Луксембург беше во 1993 година.

Првите години од 21. век ги забележаа првите победи на одредени земји, односно од 2001 до 2008 година секоја од земјите победуваше за првпат. Естонија беше првата земја од поранешниот Советски Сојуз што победи на овој натпревар во 2001 година, a Финска победи во 2006 година за првпат по 45 години откако се приклучи на натпреварот. Од друга страна, Украина победи веќе со своето второ учество, а Србија уште во првата година како независна држава (Марија Шерифовиќ во 2007).

Во 2009 година, Норвешка победи на натпреварот со 387 поени, што до пред две години беше највисоката бројка во историјата на Евровизија и беше прв натпреварувач што освоил над 300 поени, вклучувајќи ги и 16-те максимални „12“. Овој рекорд до некаде го собори и Шведска во 2012 година кога Лорин собра 372 поени, како и нов рекорд на осумнаесет „12-ки“. Со последните измени во гласањето, во 2016 година со 534 поени нов рекорд постави украинската претставничка Џамала, чија тема „1944“ ја обезбеди втората победа за Украина, а минатата година ја надмина португалскиот претставник Салвадор Собрал, кој за историската прва победа на Португалија собра неверојатни 758 поени.

Уште еден интересен податок од историјата на Евровизија се изедначените резултати. Во секој натпревар со гласање постои можност за нерешени резултати, па така во 1969 година од 16 земји учеснички, првото место со по 18 поени го делеле Франција, Шпанија, Холандија и Велика Британија. Со оглед на тоа што немало правило како да се избере еден победник во таква ситуација, сите четири земји прогласиле заедничка победа. Оваа одлука не им се допаднала на останатите земји, така што во знак на протест Финска, Норвешка, Шведска и Португалија следната година не учествувале на Евровизија.

Според правилата донесени следната година, ако две или повеќе земји имаат еднаков број поени, се одземаат поените кои земјите си ги дале меѓусебно и победува земјата која добила повеќе поени од останатите земји. Ако резултатот и понатаму останува изедначен, се пресметува бројот на „12-ки“ кои ги добила секоја земја. Ако и тогаш резултатот е ист, се пресметува бројот на „10-ки“, па на „8-ки“ и тн. На крајот, ако и после сите пресметки резултатот остане нерешен, победува песната која била изведена прва. Освен нерешениот резултат во 1969 година, досега ова се случило само уште еднаш во 1991 година кога Шведска и Франција имале по 146 поени. Тогаш не биле одземани поените кои си ги дале меѓусебно, туку започнала пресметката на „12-ки“, но бидејќи и двете земји добиле по 4 „12-ки“, поголемиот број на „10-ки“ го одреди победникот, а тоа била Шведска.

Годинешното, 63. по ред издание на популарниот европски фестивал ќе се одржува од 8 до 12 мај во португалската престолина Лисабон, а боите на Македонија ќе ги брани групата „Ај кју“ со темата „Lost And Found“. Тие ќе настапат во првата полуфинална вечер на 8 мај, под реден број 11. Среќно!

Извор: Википедија; подготви: Ивона Јанкова



Врати се горе ↑