Балкан

8 мај, 2019

Евровизија низ историјата 4: Југославија

Македонската публика веќе две децении навива за своите музички пратеници што ги бранат боите на нашата земја на најпопуларниот фестивал на стариот континент, а актуелната претставничка Тамара Тодевска е деветнаесетта во низата што ќе се обиде да постави нов рекорд во нашата евровизиска историја и да ја надмине својата колешка Елена Ристеска, која сè уште го има највисокиот пласман со освоеното 12. место во финалето.

Сепак, пред осамостојувањето на нашата земја, (барем како публика) ние на некој начин веќе сме биле дел од фестивалот, на кој тогашната Социјалистичка Федерална Република Југославија се натпреваруваше во периодот од 1961 до 1992 година. Освен отсуствата од 1977 до 1980 и во 1985 година (заради 5-годишнината од смртта на Јосип Броз Тито), Југославија испрати вкупно 27 претставници, победувајќи само еднаш во 1989 година. Претставниците беа одбирани на исто толку популарниот фестивал „Југовизија“.

Иако беше составена од шест републики, односно осум федерални единици (вклучувајќи ги тогашните самостојни покраини Косово и Војводина), Југославија ниту еднаш не испратила претставник од Македонија, односно најголем дел од 27-те претставници доаѓаа од Хрватска (11), шест од нив беа од Србија, по четири од Словенија и од Босна и Херцеговина, и два од Црна Гора. Сите четири песни од словенечките изведувачи беа изведени на словенечки јазик, а останатите на тогашниот српско-хрватски јазик.

Image result for riva eurovisionХрватската група „Рива“ ја освои единствената победа за Југославија во 1989 година

Најдобриот резултат, односно освоеното прво место го има само хрватската група „Рива“, која во 1989 година победи со темата „Rock Me“, а меѓу најдобрите пет се пласирале и Лола Новаковиќ (1962), Даниел Поповиќ (1983) и „Нови фосили“ (1987), чии хитови „Не пали светло у сумрак“, „Џули“ и „Ја сам за плес“ го освоија 4. место. Најлошиот резултат, односно на последното место со 0 поени остана босанскиот пејач Сабахудин Курт, кој во 1964 година се натпреваруваше со темата „Живот је склопио круг“.

Единствениот изведувач што двапати се натпреварувал на фестивалот беше хрватскиот пејач и политичар Вице Вуков, кој настапуваше во 1963 и 1965 година. Меѓу југословенските евровизиски претставници беа и сè уште актуелните Тереза Кесовија (1972), Здравко Чолиќ (1973), Сеид Мемиќ или Вајта (1981), Дорис Драговиќ (1986), „Сребрна крила“ (1988) и Тајчи, чиј хит „Хајде да лудујемо“ од 1990 година сè уште е еден од најголемите екс-ју хитови.

Куса ретроспектива од сите 27 евровизиски песни од Југославија погледнете во продолжение:

 

Се надеваме дека ова беше интересно навраќање кон евровизиската историја, а што ќе запишеме во следната страница од нашата евровизиска приказна, ќе дознаеме во текот на претстојната седмица. Нашата актуелна претставничка Тамара Тодевска настапува во втората полуфинална вечер на 16 мај, во чии рамки ќе ја изведе темата „Proud“ под реден број 17. 

И.Ј.



Врати се горе ↑