За Вас

8 мај, 2019

Евровизија низ историјата 3: Македонија

Само неколку дена нè делат од почетокот на евровизиската недела, во чии рамки ќе се одржат двете полуфинални и финалната вечер од 64. издание на „Евровизија“. Нашата земја ќе настапи во втората полуфинална вечер во четврток (16 мај), кога ќе дознаеме дали Тамара Тодевска уште еднаш ќе ја запее „Proud“ во финалната вечер во сабота. Македонија годинава ќе учествува во натпреварот по 19. пат, а како изгледаше нашето евровизиско патешествие во изминативе две децении ќе се потсетиме во продолжение.

Имено, нашите претставници во текот на изминативе две децении беа одбирани на различни начини, и тоа седумпати интерно, осумпати преку Скопскиот фестивал, а четирипати преку национален избор. За првите три учества во 1998, 2000 и во 2002 година, вклучувајќи го и првиот обид од 1996 кога Калиопи не успеа да се квалификува за главниот настан, македонските претставници ги одбиравме преку Скопскиот фестивал. Меѓутоа, во 2003, заради финансиската криза, одлуката на МРТ беше фестивалот да не се одржува за да се заштедат пари за наредната година и за следното учество на „Евровизија“.

Во меѓувреме, организаторот и носител на правата за македонскиот евровизиски претставник направи нови критериуми за национален избор за најдобра композиција. Сепак, заради поголеми финансиски проблеми, во 2008 година се врати Скопскиот фестивал и остана до 2012, кога МРТ започна да го одбира претставникот по интерен пат. Таквиот начин се задржа три години. Нова промена се случи во 2015 година, кога со одлука на МРТ повторно одбиравме претставник на Скопскиот фестивал, а веќе од следната година до денес претставниците повторно се одбираат интерно.

Скандали и интересни податоци

Првиот претставник на Македонија во 1998 година беше Владо Јаневски со песната „Не зори зоро“, со која победи на Скопскиот фестивал. Таа година гласаше само публиката по пат на телефонско гласање. На многумина фаворит таа година им беше Сашо Гигов – Гиш со етно-темата „Самовилска свадба“, па некои и денес ќе речат дека токму таа песна заслужи да нè претставува во Бирмингем.

 

Во наредните две години, правилата на гласање се променија и гласањето се одвиваше во три дела – стручно жири, гледачите преку телефонско гласање и публиката во салата. Во 2002 година победничка на фестивалот беше Каролина Гочева со темата „Од нас зависи“, но малкумина знаат дека малку требаше за пејачката да не отпатува во Талин. Имено, Каролина сакала да ја пее песната на англиски јазик, но од МРТ сметале дека подобро е да ја отпее на македонски. Бидејќи песната веќе била пријавена во ЕБУ со македонската верзија, Каролина имала две можности – да ја пее на македонски или да се откаже, па тогаш наместо неа во Талин би отпатувала второпласираната Андријана Јаневска. Каролина на крајот сепак се согласила да ја отпее во оригиналната, македонска верзија. Желбата да запее на англиски сепак ѝ се оствари во 2007, кога дел од песната „Мојот свет“ го отпеа токму на англиски јазик.

 

Кога станува збор за скандалите поврзани со националните избори, добро се сеќаваме на изборот во 2005 година кога за евровизискиот билет се бореа Мартин Вучиќ и Александра Пилева. Секој од нив тогаш се претстави со по четири песни, додека гласањето се одвиваше во два круга. Како и претходните години, гласаа членовите на жирито, публиката во салата и гледачите преку телефонско гласање. Во првиот круг беа одбрани две песни кои влегоа во вториот круг – „Сонце и месечина“ на Пилева и „Ти си сон“ на Вучиќ. По првиот круг на гласање, атмосферата во салата се вжешти. Имаше свиркање и негодување, особено кога гласаше жирито. Навивачите на Александра тврдеа дека победата на Мартин е наместена, бидејќи жирито и публиката во салата се „купени“, додека поддржувачите на Мартин го тврдеа спротивното – дека телефонското гласање е наместено. На крајот, победата ја однесе Мартин и тоа со гласовите од жирито и од публиката во салата, а Александра остана второпласирана, иако победи на телефонското гласање. Поддржувачите на двата изведувачи беа многу револтирани и тврдеа дека изборот е наместен од самиот почеток, додека менаџерските тимови поднесоа приговори за неправилности во гласањето. Откако ја разгледаа ситуацијата, од МРТ излегоа со соопштение дека сè било регуларно и дека во Киев ќе оди Мартин Вучиќ со темата „Ти си сон“, односно со англиската верзија „Make My Day“.

 

Следниот скандал се случи на националниот избор во 2009. Првпат на „Скопје фест“ се одржаа две полуфинални вечери, а во секоја од нив се натпреваруваа по 16 песни. Место во финалето си обезбедија по осум од двете полуфиналиња, а гласаше стручно жири и публиката преку телефон. Победниците од двете полуфиналиња ги освоија и првите две места во финалето, а со разлика од само еден поен победи дуото „Некст тајм“, додека Калиопи и Наум Петрески останаа на второто место. Бидејќи публиката свиркаше и негодуваше, тие одбија да излезат на сцената за да ја примат наградата, но добија право на учество на фестивалот „Сунчане скале“, каде што победија со дуетот „Рум дум дум“.

 

Уште поубаво го паметиме и скандалот во 2013 година, кога за наши претставници беа избрани Влатко Лозаноски и сега веќе покојната легенда на ромската музика, Есма Реџепова. Имено, првичната песна со која требаше да ги бранат боите на нашата земја беше темата „Империја“, но видеото наиде на мошне негативни реакции од домашната публика, па музичарите мораа да снимат нова песна и во Малме настапија со песната „Пред да се раздени“.

Меѓу евровизиските контроверзии поврзани со нашата земја се и двете години кога македонските претставници неправедно не добија пласман за финале заради изменетите правила. Имено, во 2008 и во 2009 година, организаторите на фестивалот имаа одлучено од двете полуфиналиња во финале да одат првите девет, а по еден финалист од двете вечери одбирало жирито. Во двете години додека важеше ова правило, оштетената земја беше токму Македонија, така што освоеното 10. место и на Тамара, Врчак и Адријан во 2008 и на „Некст тајм“ во 2009 сигурно ќе ги однесеше во финале.

Сите досегашни учества и пласмани

Нашиот прв обид за учество во натпреварот беше во 1996 година кога Калиопи победи на „Скопскиот фестивал“ со песната „Само ти“, која за жал не успеа да се квалификува за главната вечер. Во продолжение да се потсетиме како звучеше нашата несудена евровизиска песна за 1996 година.

 

Првото официјално учество на Македонија беше во 1998 година, кога „Евровизија“ се одржуваше во Бирмингем, Велика Британија, а нашиот претставник Владо Јаневски настапи под реден број 25 со песната „Не зори, зоро“. Од вкупно 25 земји кои се натпреваруваа таа година, Македонија заврши на 19. место со освоени 16 поени. Како изгледаше неговиот настап можете да се потсетите во продолжение.

 

Според тогашните правила, по пауза од една година, во 2000 учествуваа 24 земји, а нашите претставнички беа девојките од групата „Икс-икс-ел“ (XXL) кои во Стокхолм, Шведска настапија под реден број 19 со песната „100% те љубам“. Со освоени 29 поени, Македонија заврши на 15. место.

 

Во 2002 година во Талин, Естонија на евровизиската сцена настапија претставници на 24 земји, а нашата претставничка Каролина Гочева со песната „Од нас зависи“ настапи под реден број 9. Со освоени 25 поени Македонија го освои 19. место со што не обезбеди пласман за следната година. Како изгледаше настапот на Каролина можете да видите во продолжение.

 

Следниот чекор на „Евровизија“ за Македонија го направи Тоше Проески. Во 2004 година во Истанбул, Турција, нашата легенда настапи во полуфиналната вечер под реден број 15 и со освоениот 71 поен успеа да се пласира на 10. место, со што обезбеди учество во финалната вечер. Повторно под реден број 15 настапи и во големото финале, а со освоени 47 поени ја донесе Македонија до 14. место. Како изгледаа неговите изведби на песната „Life“ можете да се потсетите во продолжение (полуфинале и финале).

 

По победата на Руслана и нејзините „Диви танци“, следната 2005 година „Евровизија“ се одржа во украинската престолнина Киев, а по „дуелот“ со Александра Пилева, за наш претставник беше избран Мартин Вучиќ. Песната „Make My Day“ беше изведена во полуфинална вечер под реден број 17, а со освоени 97 поени и 9. место, Македонија продолжи во финалето каде што се натпреваруваше со останатите 24 земји, а со 52 поени заврши на 17. место.

 

Најдобриот пласман за Македонија го забележа Елена Ристеска во 2006 година со песната „Нинанајна“. На евровизиската сцена во Атина, соседна Грција, Ристеска настапи во полуфиналната вечер под реден број 11, а со освоени 76 поени и 10. место успеа да се пласира во финале. Повторно под реден број 11 настапи и во финалната вечер и во конкуренција од 24 земји, „Нинанајна“ освои 56 поени и досега највисокото 12. место за Македонија.

 

Годината кога „Молитвата“ на Марија Шерифовиќ ја забележа првата и засега единствена победа за Србија, во 2007 година натпреварот се одржуваше во Хелсинки, Финска, а ние по вторпат ја испративме Каролина со песната „Мојот свет“. Во полуфиналната вечер Каролина настапи под реден број 18, а освоените 97 поени и 9. место го продолжија нејзиниот пат до финалето. Овој пат под реден број 6 и во конкуренција од 24 земји, „Мојот свет“ собра 73 поени и го освои 14. место.

 

Првите македонски претставници кои не успеаја да се пласираат во финале во 2008 година во Белград беа Тамара Тодевска, Раде Врчаковски Врчак и Адриан Гаџа, кои во втората полуфинална вечер настапија под реден број 18 изведувајќи ја песната „Let Me Love You“. Во конкуренција од 19 земји, Македонија успеа да освои 64 поени и 10. место, но за жал не беа доволни за пласман во финале. Како изгледаше нивниот настап можете да се потсетите во продолжение.

 

Во 2009 година, Македонија во рускиот главен град Москва ги испрати браќата од дуото „Некст тајм“, кои во првата полуфинална вечер под реден број 13 настапија со песната „Нешто што ќе остане“. Од 18-те земји кои настапуваа таа вечер, Македонија собра 45 поени и повторно заврши на 10. место и без пласман за финале.

 

55. издание на натпреварот во 2010 година се одржа во Осло, Норвешка, а во првата полуфинална вечер под реден број 15 настапи Ѓоко Танески, кој заедно со Били Ѕвер и Дамјан Пејчиноски ја изведе песната „Јас ја имам силата“. Оваа екипа за жал не обезбеди пласман во полуфинале за Македонија, со оглед на тоа што од 17 земји кои се натпреваруваа таа вечер, „Јас ја имам силата“ освои само 37 поени и 15. место.

 

Последна во оваа низа на неуспешни обиди за пласман во финале е „Русинката“ на Влатко Илиевски во 2011 година во Дизелдорф, Германија. Оваа песна беше изведена во втората полуфинална вечер под реден број 11, а во конкуренција од 19 земји Македонија освои само 36 поени и 16. место.

 

Во 2012 година во Баку, Азербејџан, нашата претставничка беше Калиопи која со песната „Црно и бело“ настапи во втората полуфинална вечер под реден број 2. Од 18-те земји во таа полуфинална вечер, Македонија се пласираше на 9. место со освоени 53 поени, а во големото финале под реден број 22, „Црно и бело“ освои 71 поен и во конкуренција од 26 земји заврши на 13. место.

 

Претставниците кои во 2013 година ги пративме во Малме, Шведска беа Влатко Лозаноски Лозано и Есма Реџепова. Тоа беше можеби еден од поконтроверзните национални избори за песна на Евровизија, со оглед на тоа што првичната песна „Империја“ предизвика незадоволство, особено на социјалните мрежи, па следниот избор беше песната „Пред да се раздени“. Есма и Лозано настапија во втората полуфинална вечер под реден број 3, но со освоени 28 поени и 16. место, за жал, не продолжија во финале.

 

Без пласман за финале остана и Тијана Дапчевиќ со својата „То The Sky“, која во придружба на сестра си Тамара, Димитар Андоновски и Пере (Нокаут) во Копенхаген, Данска, се натпреваруваше во рамките на втората полуфинална вечер под реден број 11, но со освоените 33 поени и 13. место, за неа натпреварот беше завршен. Како изгледаше нејзиниот настап потсетете се во продолжение.

 

Следниот неуспешен обид за пласман во финале во 2015 година го имаше Даниел Кајмакоски, чии „Лисја есенски не му донесоа доволно поени за да продолжи понатаму. Имено, Кајмакоски во Виена настапи во првата полуфинална вечер под реден број 8 и собра само 28 поени, со што се пласираше како претпоследен од вкупно 16 полуфиналисти.

 

Иако после настапот во 2012 година Калиопи собра огромен број евровизиски обожаватели, кои се израдуваа на веста дека пејачката се враќа на евровизиската сцена, нејзината „Дона“ сепак не успеа да се кфалификува за финале. Калиопи во Стокхолм, во Шведска, настапи во втората полуфинална вечер под реден број 8, но со освоени 88 поени се пласираше на 11. место.

 

И покрај тоа што беше меѓу омилените песни на евровизиските обожаватели, хитот Dance Alonе“ на Јана Бурческа не успеа да стигне до финалето. Пејачката настапи во втората полуфинална вечер под реден број 3, но со освоени 69 поени стигна само до 15. место во конкуренција од 18 полуфиналисти. Ако е за утеха, оваа година Македонија влезе во евровизиската историја како земја чиј претставник е прв што добил понуда за брак за време на директниот пренос од фестивалот.

 

 

За фаворит важеше и песната „Lost And Found“ на нашите минатогодишни претставници „Ај кју“, кои боите на нашата земја во Лисабон ги бранеа во првата полуфинална вечер под реден број 11, но со освоените 24 поени и претпоследното 18. место, за жал, не успеаја да обезбедат пласман за финалето.

 

Според сите горенаведени податоци, најдобриот пласман го има Елена Ристеска (12. место), а најлош „Ај кју“ со 18. место во полуфиналето.

Имајќи предвид дека реакциите и предвидувањата на обложувалниците за Тамара се и повеќе од одлични, се надеваме дека годинава конечно ќе ставиме крај на шестгодишното отсуство од финалето, па и да поставиме нов рекорд во нашата евровизиска историја. Заедно со придружните вокали Антонија Гиговска, Васил Гарванлиев и Александра Јанева, Тамара ќе настапи со темата „Proud“ во втората полуфинална вечер на 16 мај, под реден број 17.

За уште повеќе да Ве зафати евровизиската еуфорија, потсетете се и на историјата и скандалите на популарниот европски фестивал.

Подготви: Ивона Јанкова

Извори: Википедија, Милка Малезанова за eurosong.hr 



Врати се горе ↑