За Вас eurovision-song-contest-logo

4 мај, 2017

Евровизија низ историјата 2: Скандали и контроверзии

Веќе имавте можност да прочитате за дел од основните податоци за популарниот избор за песна на „Евровизија“, а иако на овој натпревар најчесто се гледа како на една сосема обична музичка манифестација, сепак имало многу случки кои се поврзани со општествени, културни и политички настани на одредени земји. Во продолжение ќе прочитате за неколку скандалозни и контроверзни моменти низ историјата на „Евровизија“.

1956 – Теории на заговор за гласањето имало уште во првото издание на натпреварот што се одржал на 24 мај 1956 година во Лугано, Швајцарија. Како што е познато, ова прво издание е и единственото во кое земјите се натпреварувале со по 2 песни, па така земјите имале право само на 2 гласа. Но, со оглед на тоа што делегацијата на Луксембург не можела лично да присуствува во Лугано, Швајцарија гласала на нивно место. Не изненадува фактот што токму таа земја е првиот победник  на Евровизија, а како гласале земјите учеснички таа година никогаш не било откриено.

1957 – Европа претрпи многу промени во изминатите неколку децении, а се промени и Евровизија, па тоа што за нас е нормално во денешно време, тогаш се сметало за скандалозно. Таа година вистински шок за гледачите бил настапот на данските претставници Бирт Вилке и Густав Винклер кои на крајот од песната имале долг бакнеж, што предизвика бран на незадоволство во повеќе земји.

1963 – За време на гласањето оваа година во тесна трка се нашле Данска и Швајцарија. Но, кога дошло време да гласа Норвешка, тамошниот презентер не ја следел процедурата за објавување на резултатите, така што нивните бодови биле поништени, а водителката на настанот Кејти Бојл го информирала жирито во Осло дека нивните гласови ќе бидат додадени подоцна. Во меѓувреме норвешкото жири ги променило резултатите, па наместо Швајцарија победила Данска. Според денешните правила гласовите прво се праќаат на ЕБУ, па потоа се прикажуваат на екраните, така што ваков инцидент денес не би бил возможен. Веќе од годинава процесот на гласање ќе биде уште потранспарентен и сите индивидуални гласови на членовите на жирито ќе бидат достапни за јавноста.

1968 – Интернационалната ѕвезда Клиф Ричард со песната „Congratulations“ бил очигледен фаворит во натпреварот одржан во далечната 1968 година, но сепак победата отиде во рацете на домаќинот Шпанија. Четириесет години подоцна, во еден шпански документарен филм било објавено дека виновникот за сето тоа е шпанскиот диктатор Франциско Франко, кој наводно испратил корумпирани извршни продуценти во повеќе европски компании за да купат телевизиски серии кои никогаш не биле емитувани и да потпишат договор со разни групи и пејачи. Ричард, кој сè уште жали по украдената победа, во 2008 година за британски Гардијан изјавил: „Толку години живеам со ова второ место, па би било убаво ако некој официјален претставник од натпреварот ми се јави и ми каже: ’Клиф, сепак ти си победникот.’“

 

1969 – Оваа година дојде до првиот од двата случаи на изедначени резултати, така што оваа е единствената година кога Евровизија доби 4 победници. Имено, секоја земја имала по десет члена во жирито и секој од нив имал право на еден глас за својата омилена песна. На крајот од гласањето Шпанија, Велика Британија, Франција и Холандија имале по 18 гласа. Со оглед на тоа што немало правила за таква ситуација, сите 4 земји биле прогласени за победници. Секако дека оваа одлука предизвикала незадоволство кај останатите учесници, па следната година во знак на протест неколку земји не учествувале на натпреварот. Вториот случај на нерешен резултат бил во 1991 година кога за победа се бореле Франција и Шведска, а бидејќи и двете земји имале ист број на добиени 12 поени, победата отиде во рацете на Шведска благодарение на поголемиот број „10-ки“.

1974 – Годината која ќе остане запаметена по победата на легендарните „АББА“ и нивната „Waterloo“, истовремено е и историска година за Португалија. Португалските претставници таа година го искористиле своето учество на натпреварот со цел да започнат револуција. Имено, песната „E Depois do Adeus“ од пејачот Пауло џи Карваљо (Paulo de Carvalho) послужила како кодиран сигнал на радио за да започне „Каранфилската револуција“ против диктаторскиот режим на Марсело Каетано. Иако оваа песна заврши на последното место, сепак одигра голема улога во транформацијата на еден народ.

 

1978 – Познато е дека отсекогаш постои несогласување помеѓу Израел и земјите од блискиот Исток, па својот „данок“ го платила и Евровизија. Натпреварот бил толку популарен што уште тогаш се пренесувал во повеќе земји од тој регион, но за време на израелската песна на телевизијата во Јордан се прикажувале фотографии од цвеќиња. За да биде уште поинтересно, победниците таа година биле токму израелските претставници Изар Коен и групата „Алфабета“, но според Јордан победила второпласираната Белгија.

 

1990 – Техничките проблеми се вообичаени за секоја манифестација, но шпанските претставнички „Азукар морено“ сигурно долго ќе го паметат нивниот настап на Евровизија во 1990 година во Загреб. За време на изведбата на нивниот сè уште познат хит „Bandido“, музиката била пуштена малку подоцна па пејачките збунети се вратиле позади сцената да видат што се случува. Откако го решиле проблемот, познатите сестри се вратиле на сцена, а како изгледаше нивниот настап можете да погледнете во продолжение.

 

1998 – Десетина години подоцна, Израел забележа уште една контроверзна победа. Многумина се сеќаваат на трансексуалецот Дејна Интернејшнал која во 1998 година го освои првото место со песната „Diva“. Но, уште при самиот избор за израелски претставник голем дел од православните Евреи излегле на улиците да протестираат, а покрај навредливите зборови познатата пејачка добивала и смртни закани. Следната година кога настапувала во ревијалниот дел од натпреварот изведувајќи позната еврејска песна, религиозните Евреи повторно го изразиле своето незадоволство. Правилата на натпреварот предвидувале генерална проба во петок навечер (главната вечер се одржувала во сабота), а со тоа била нарушена традицијата на еврејскиот Шабат кога од зајдисонце во петок до сабота навечер се забранети секакви активности. Иако Израел е секуларна држава, сепак бил постигнат компромис, па пробите се одржале приватно.

 

2000 – На самиот праг на новиот милениум Израел забележа уште еден контроверзен настап. Имено, израелскиот претставник за 2000 година беше дуото „Пинг понг“ кое на крајот од песната, покрај израелското го завеа и сириското знаме. Со оглед на тоа што во тој период двете држави имале прогласено војна, израелските политичари побарале групата да биде отфрлена од натпреварот затоа што не ги претставувала националните вредности. Подоцна се дознало дека дуото всушност е составено од двe новинарки кои на шега се пријавиле на националниот избор, па своето учество на Евровизија го искористиле како порака за мир.

 

2005 – Оваа година Либан требаше за првпат да настапи на Евровизија, но поради нивниот закон кој забранува сè што е поврзано со Израел, државата беше приморана да се повлече. Слично како Јордан, и либанската телевизија изјавила дека наместо израелската песна ќе емитува реклами, но според правилата на Евровизија биле задолжени да ја емитуваат целата програма. По тој инцидент, Либан имаше забрана за учество на натпреварот во следните неколку години.

2009 – Иако првично не сакаше да учествува во натпреварот, во 2009 година Грузија сепак испрати свој претставник на Евровизија. Само една година порано државата беше вмешана во војна со Русија, па песната насловена „We Don’t Wanna Put In“ очигледно се однесуваше на тогашниот руски премиер Владимир Путин. Песната беше отфрлена од страна на ЕБУ со образложение дека е „премногу политички настроена“, но бидејќи грузијските претставници не се согласиле да го променат текстот, државата се повлече од натпреварот.

2012 – Домаќинот на манифестацијата во 2012 година, Азербејџан доби бројни критики, не само за човековите права, туку и за евикцијата (отселувањето) на бројни граѓани на Баку за да се изгради евровизиската арена.

2013 – Помеѓу евровизиските скандали кои ја одбележаа 2013 година се најде финската претставничка Криста Сигфридс која на крајот од изведбата на песната „Marry Me“, во знак на протест против забраната на истополови бракови во Финска, бакна една од придружните вокали. Интересно е тоа што во листата на скандали на euronews.com се најдоа и македонските претставници Есма и Лозано, односно нивната прва песна „Империја“. Имено, како причина за промена на песната е наведен „контроверзниот видео запис кој прикажува статуи на херои кои ги присвојуваат Грција и Бугарија“. Во понатамошниот текст пишува: „Овие споменици се дел од проектот Скопје 2014 и го вклучуваат тн. Воин на коњ. Грција тврди дека тоа е традиционалниот грчки идол Александар Велики. Недоразбирањата околу културното наследство се голем фактор во односите помеѓу ПЈР Македонија и Грција.“

 

2014 – На 59. издание на Евровизија големо внимание привлече контроверзниот претставник на Австрија, брадестата девојка – трансвеститот Томас Нојвирт, односно Кончита Вурст. Ликот на Кончита предизвика незадоволство во поглед на традиционалните идеи за половите карактеристики и убавината. Некои земји неодамна испратиле барање до организаторите да го цензурираат неговиот настап бидејќи имал лошо влијание, а рускиот политичар Виталиј Милонов ја опишал Евровизија како „европска геј парада“. Кончита со песната „Rise Like a Phoenix“ собра најмногу поени и победи на натпреварот.

 

2015 – Годината кога Шведска ја забележа својата шеста победа, приближувајќи и се на Ирска, која сè уште го држи рекордот со најмногу триумфи на фестивалот (7), резултатите објавени после натпреварот обелоденија дека Италија ги собра симпатиите на публиката, но не успеа да победи заради гласовите на жиријата. Имено, според телефонското гласање, триото „Ил воло“ собра 366 поени, а Шведска била трета со 279 поени, додека жиријата одлучија на Италијанците да им дадат само 184 поени (6. место), а на Швеѓанецот 363 и 1. место. Интересно е тоа што истото се случило и на фестивалот „Санремо“, каде што момците не добиле многу гласови од жирито, но победиле благодарение на публиката.

2015еск

Уште еден скандал поврзан со гласањето во финалето таа година беа и поените доделени од Македонија и Црна Гора, кои наместо да бидат половина од жиријата и половина од публиката, биле 100% од телефонското гласање. Поените од двете земји беа поништени, но тоа не влијаеше на победата на Монс Зелмерлоу.

2016 – Победничката песна од минатата година предизвика скандал уште при објавувањето, предизвикувајќи бурни реакции во Русија со образложение дека е политичка и побараа да биде дисквалификувана. Џамала не само што не беше дисквалификувана, туку и победи на натпреварот, обезбедувајќи ја втората победа за својата земја.

2017 – Сагата со Русија продолжи и годинава, кога земјата домаќин Украина ја стави под истрага, па потоа забрани влез за руската претставничка Јулија Самојлова, која во 2015 година нелегално настапувала на Крим. Европската радиодифузна унија на повеќе начини се обиде да пронајде решение, односно Русија да избере нов претставник или настапот на Јулија да биде емитуван преку сателит, но земјата одби и на крајот сосема се повлече од натпреварот.

Извори: sphpost.dh/ euronews.com/ bbc.co.uk

Подготви: Ивона Јанкова



Врати се горе ↑