Свет Esc2015logo

15 април, 2015

Евровизија низ бројки (Упатство за обложување)

Веќе во полн ек се подготовките за јубилејното 60. издание на најпопуларниот европски фестивал „Евровизија“, а претставниците на 40-те земји, колку што ќе учествуваат годинава, ги започнаа промотивните турнеи низ повеќе земји ширум стариот континент. Набиен е распоредот и на нашиот претставник Даниел Кајмакоски, кој своите „Лисја есенски“ ги однесе прво во Тирана, па во Белград, а до крајот на месецов следуваат гостувања во Холандија, Германија, Белгија, Русија и, секако, кај домаќините на годинешната „Евровизија“ – Виена, Австрија.

За историјата и скандалите на фестивалот низ годините веќе пишувавме минатата година, а овој пат „евровизиската треска“ ќе ја започнеме малку порано, со тоа што ќе споделиме неколку интересни податоци искажани преку бројки. Всушност, станува збор за своевидно упатство за сите оние коишто сакаат да се обложуваат за пласманот на земјите учеснички годинава.

1 – Здраво Австралија!

Австралија годинава ќе дебитира на евровизиската сцена, со што ќе стане втората земја надвор од Европа која се натпреварувала на „Евровизија“ после Мароко во 1980 година. Земјата на кенгурите ќе учествува само годинава, по повод јубилејот од 60 години, а во случај да победи, следната година ќе биде втор домаќин во една од европските метрополи. За свој претставник го избра популарниот пејач Гај Себастијан, кој ќе настапи директно во финалето со песната „Tonight Again“, а жителите на Австралија ќе имаат можност да гласаат во двете полуфинални и во финалната вечер.

 

1:27 – Брз „финиш“

Финската евровизиска песна за годинава, „Aina mun pitää“ (Секогаш морам да) од групата „Перти Курикан нимипаиват“ e најкратката песна во историјата на „Евровизија“, во времетрање од само 1 минута и 27 секунди, а според обложувалниците ќе се најде меѓу првите 5 во финалето.

 

2 – Евровизиската клетва

Во историјата на „Евровизија“, ниту една земја не победила на натпреварот кога настапувала под реден број 2.

2 – Ќе има ли втора победа за Естонија?

Темата „Goodbye to Yesterday“, со која Елина Борн и Стиг Раста ќе ги бранат боите на Естонија, веќе извесно време е една од фаворитите за победа, а според обложувалниците за сега се наоѓа на 3. место. Балтичката земја својата единствена победа ја забележа во 2001 година, кога Танел Падар и Дејв Бентон триумфираа со „Everybody“.

 

 

3 – Ќе „полета“ ли Италија?

Италија е вториот фаворит за победа на годинешното издание на фестивалот. Триото „Ил воло“ (Летот), кое триумфираше и на престижниот „Сан ремо“, ќе ги брани боите на својата земја со прекрасната „Grande аmore“. Нивниот актуелен албум беше објавен во Италија во февруари годинава и за само три недели достигна платинест тираж. Доколку младите момчиња успеат да триумфираат, тоа ќе биде трета победа за Италија.

 

 

6 – Шведски успех?

Песната „Heroes“ на шведскиот претставник Монс Зелмерлоу според сите обложувалници е дефинитивно најголемиот фаворит за победа. Доколку младиот пејач триумфира годинава, Шведска ќе стане втората најуспешна земја со шест евровизиски победи.

6 – Предност на домашен терен

Земјата домаќин во текот на годините успеала да триумфира шест пати. Послен пат на домашен терен победи Ирска во 1993 и 1994 година.

7 – Рекордери

Кога станува збор за најголем број победи, овој рекорд сè уште го држи Ирска, која триумфирала на натпреварот 7 пати: во 1970, 1980, 1987,  1992, 1993, 1994 и 1996 година.

7 – Бело е сè

Мошне интересен податок е тоа што изведувачите облечени во бело победувале на натпреварот многу почесто отколку оние во која било друга боја.

12 – Максимални поени

Шведскиот хит „Euphoria“, со кој Лорин победи во 2012 година, го држи рекордот за песна која била наградена со најголем број максимални поени – по 12 поени добила од дури 18 земји.

 

 

15 – Добро, но не доволно добро

Обединетото Кралство завршило на 2. место рекордни 15 пати. Како и да е, нивната последна, за влакно избегната победа беше во 1998 година, кога вице-шампионската позиција ѝ припадна на Имани и нејзинот хит „Where Are You“.

 

16 – Нула поени

Откако е воведен актуелниот бодовен систем (од 1975 година наваму), вкупно 16 земји завршиле без ниту еден поен. Последен пат тоа се случи во 2009 година, кога во првата полуфинална вечер до насловот на чешката песна „Aven Romale“ во изведба на „Џипси“ стоеше само една нула. Токму тоа беше третото и последно (досега) учество на Чешка, која годинава се враќа на евровизиската сцена со Марта Јандова и Вацлав Ноид Барта, потврдувајќи дека „Надежта никогаш не умира“.

 

28 – Дамите имаат предност

Женските соло изведувачи победувале многу почесто (28 победи) за разлика од колегите од спротивниот пол, кои триумфирале само 7 пати.

29 – Англиска инвазија

Со оглед на тоа што англискиот јазик е еден од најзборуваните во светот, речиси сите земји учеснички одлучуваат своите претставници да ги отпеат англиските верзии на песните. Иако не е мал бројот на евровизиски фанови кои ги претпочитаат верзиите на мајчин јазик, сепак најголемиот дел од победничките песни во изминативе десет години се отпеани токму на англиски. Всушност, единствената и последна победничка песна отпеана на мајчин јазик е „Молитва“ на Марија Шерифовиќ, која триумфираше на натпреварот во 2007 година.

 

387 – Рекордни поени

Рекордот на најголем број поени добиени на „Евровизија“ во моментов го држи Норвешка, чиј претставник Александар Рибак со својата „Fairytale“ освои 387 поени во 2009 година.

 

Дали и колку ќе бидат корисни овие информации при прогнозата за годинешниот победник, ќе дознаеме на 23 мај, кога е закажано големото финале. Што се однесува на Кајмакоски, според прогнозите на повеќе евровизиски блогови и веб страни, неговата „Autumn Leaves“ дефинитивно ќе се пласира во финале, па се надеваме дека ќе успее да го собори и македонскиот евровизиски рекорд, кој во моментов го држи Елена Ристеска со „Нинанајна“ и освоеното 12. место во 2006 година. Сите песни кои ќе ги слушнеме на годинешното издание на „Евровизија“ можете да ги преслушате овде (плус Црна Гора овде), а редоследот на настапи дознајте го овде.

Подготви: Ивона Јанкова

Извор:  pinnaclesports.com



Врати се горе ↑