Свет

21 септември, 2018

„Евровизија 2019“ од 14 до 18 мај во Тел Авив

По неколкумесечни преговори за точната локација каде што ќе се одржува 64. издание на „Евровизија“, како град-домаќин на популарната манифестација е избран Тел Авив, соопштија од ЕБУ.

„Би сакале да им се заблагодариме на сите израелски градови што се понудија да бидат домаќини на натпреварот, и на националната телевизија КАН, која детално ги разгледа сите опции и ни помогна да донесеме одлука. Сите понуди беа одлични, но на крајот решивме дека Тел Авив ги нуди сите потребни можности за најголемиот музичи настан на светот. Возбудени сме што го носиме натпреварот во сосема нов град и едвај чекаме ’Евровизија 2019’ да ја направиме најспектакуларната досега“, изјави извршниот надгледувач на фестивалот, Јон Ола Санд.

Tel Aviv Convention Center

Исто така, организаторите ги утврдија и датумите за трите фестивалски вечери, па така полуфиналните вечери ќе се одржат на 14 и 16 мај, а големото финале на 18 мај. Сето тоа ќе се одвива во Експо-центарот во Тел Авив, наречен „Битан 2“ (Павилјон 2), кој има капацитет за 10.000 посетители.

Евровизија 2019“ ќе се одржи во Израел после годинашната победа на Нета Барзилаи и нејзиниот хит „Toy“, забележувајќи го четвртиот триумф за оваа земја.

 

На прелиминарниот список со учесници за следната година досега се најдоа 33 земји, меѓу кои и Македонија, нашите соседи Албанија, Бугарија, Србија и Грција,  како и Хрватска и Словенија. Нашите годинашни претставници „Ај кју“ беа шести во низата со неуспешни обиди за пласман во финалето, па дали македонската делегација подготвува нова стратегија за следната година, останува да дознаеме наскоро.

Во меѓувреме, во тек се подготовките за детската верзија на фестивалот, каде што годинава ќе нè претставува талентираната Марија Спасовска.



Врати се горе ↑