Свет

8 јуни, 2018

„Евровизија 2019“ можеби нема да биде во Ерусалим

Откако Нета Барзилаи минатиот месец триумфираше на „Евровизија 2018“ во Лисабон, Израел веднаш започна со планови за следното издание на фестивалот што би требало да се одржи во Ерусалим. Но, како што пренесуваат израелските и европските медиуми, генералниот директор на Министерството за култура и спорт на Израел, Јоси Шараби изјавил дека сè уште не е дефинирано дали настанот ќе се одржи во овој историски град.

„’Евровизија’ во Ерусалим? Сè уште не утврдено. Рано е да се зборува за ова. Сите сакаат да биде во Ерусалим, но ќе бидат земени предвид и други опции“, изјавил тој откако бил запрашан и за барањето на аргентинската фудбалска репрезентација да се откаже пријателскиот натпревар со Израел, кој првично требаше да се одржи во Хаифа, но бил преместен во Ерусалим.

Сепак, министерката за култура и спорт, Мири Регев има поинакво мислење. Имено, таа смета дека доколку „Евровизија 2019“ не може да се одржи во Ерусалим, Израел не би требало ни да е домаќин на фестивалот. Регев додаде и дека државата има во план да инвестира 50 милиони израелски шекели или 14 милиони американски долари за реализација на настанот и дека има за цел да ја промовира земјата, па нема смисла да се потроши толкава сума ако фестивалот не се одржи во Ерусалим. Изјавата на Регев воедно била и реакција на неодамнешните непотврдени информации дека ЕБУ побарала фестивалот да се одржи во „неутрална локација“.

Министерот за комуникации, Ајуб Кара, пак, изјавил дека нема простор за сомнеж дали „Евровизија 2019“ ќе се одржи во Израел. За разлика од Регев, тој рекол дека има намера комплетно да соработува и да ги исполни сите барања на ЕБУ. Од израелскиот јавен сервис „Кан“, кој ќе биде домаќин на натпреварот, не сакале да коментираат за изјавата на Регев, ниту да ги потврдат информациите дека ЕБУ побарале фестивалот да се организира надвор од Ерусалим.

Само за потсетување, со триумфот на Нета, Израел годинава ја забележа својата 4. победа на фестивалот, а в година ќе биде домаќин по третпат. Имено, откако ја забележа првата победа во 1978 година, земјата беше домаќин на фестивалот во 1979, кој се одржа токму во Ерусалим, но и покрај тоа што и тогаш го освои првото место, следната година не беше во можност да ја преземе оваа обврска, па настанот се пресели во Хаг. Натпреварот повторно се врати во Ерусалим во 1999 година, по победата на Дана Интернејшнал (1998), а дали светиот град ќе биде центарот на евровизиските збиднувања и в година, ќе дознаеме наскоро.

Извори: esctoday.com / jpost.com

 

 



Врати се горе ↑