Видео js

14 март, 2017

„Евровизија 2017“: Руската претставничка под истрага во Украина

Во неделата, Русија ја објави евровизиската песна со која Јулија Самојлова ќе се натпреварува на годинешнто издание на „Евровизија“, а 27-годишната пејачка, која е лице со телесна инвалидност, сега е под истрага во земјата домаќин на фестивалот, Украина.

Имено, како што пренесува порталот „Оикотајмс“, повикувајќи се на извори од „Дојче веле“, украинската Агенција за разузнавање објавила дека руската претставничка е под истрага откако било откриено дека настапувала во кримскиот град Керч во 2015, само една година откако полуостровот бил преземен од Русија. Доколку не влегла во земјата преку копно, таа би можела да се соочи со забрана за учество во натпреварот. После руското преземање на Крим, директно патување во Украина преку Русија било забрането, а на секој што ќе направи ваков прекршок ќе му биде забрането да влезе во Украина во период од неколку години. Украина соопшти дека нема да прави исклучоци ниту за фестивалот.

Сето тоа уште еднаш ги разгори шпекулациите дека Русија ќе го бојкотира годинешниот фестивал во Киев. Двете земји се во лоши односи после преземањето на Крим и вооружените конфликти меѓу проруските сепаратисти и источниот дел на Украина, а и на голем број руски уметници им е забрането да настапуваат во Украина.

Минатата година, украинската претставничка Џамала, која е етничка Татарка, победи на фестивалот со „1944“, песна за нејзините прабаба и прадедо, кои за време на владеењето на Сталин биле депортирани од Крим во Централна Азија. Многумина во Русија сметаа дека песната ги прекршува правилата на Евровизија, која забранува политички пораки во песните. Сепак, организаторите од Европската радиодифузна унија одлучија дека песната е аполитичка. Иако беше фаворит за победа, минатогодишниот руски претставник Сергеј Лазарев заврши на 3. место.

Доколку сè биде во ред, Јулија Самојлова ќе ги брани боите на својата земја со темата „Flame is Burning“. „Јулија е независна пејачка, прекрасна девојка и успешна натпреварувачка“, изјавија од рускиот национален сервис, кој се одлучи за Самојлова преку внатрешен процес на селекција. Како лице со ивалидност, таа пеела на отворањето на параолимписките игри во Сочи во 2014 година.



Врати се горе ↑