Свет eurovision-2017-kyiv

14 март, 2017

„Евровизија 2017“: Кој е фаворит за победа според обложувалниците?

Иако од претстојното, 62. по ред издание на „Евровизија“ нè делат уште речиси два месеца, обложувалниците веќе започнаа со предвидувања за потенцијалниот пласман и победа за годинешните земји учеснички. На првото место веќе извесно време се наоѓа Италија, чиј претставник Франческо Габани ќе пее за „кармата за Западњаците“ (Occidentali’s Karma), a веднаш за него е белгиската претставничка Бланш и нејзината „City Lights“, за која се очекува наскоро да се искачи на самиот врв.

На третото место засега е Швеѓанецот Робин Бенгтсон со „I Can’t Go On, а четврт е најмладиот натпреварувач за годинава, бугарскиот претставник Кристијан Костов со „Beаutiful Mess“, додека на 5. место е Португалецот Салвадор Собрал со баладата „Amar Pelos Dois“. Висок пласман (6. место) и годинава се предвидува за Австралија, која трет пат ќе се натпреварува на фестивалот со младиот пејач Ајзеја Фајрбрејс и баладата „Don’t Come Easy.

Македонската претставничка Јана Бурческа, пак, вчера се наоѓаше на 19. место, а веќе денеска бележи искачување на 18. место.

esc2017poll

До пред две години, обложувалниците во голема мера успешно ги предвидуваа барем првите 5, но после минатогодишните измени во начинот на гласање, видовме дека неизвесно е до самиот крај. Имено, фаворит за победа минатата година беше рускиот претставник Сергеј Лазарев, а за Украина се предвидуваше 3. место.

Доколку предвидувањата се остварат, Италија, која се вклучи во натпреварот во 1962 година, би ја забележала својата трета победа на фестивалот, а ако триумфира „City Lights“ на Бланш, тоа ќе биде само втора победа за Белгија, која иако учествува на „Евровизија“ од самиот почеток во 1956 година, досега победила само еднаш, во 1986 година.

eurovision_logo_detail

Веќе се завршени сите подготовки за годинешното, 62. издание на „Евровизија“, а наскоро се очекува да биде откриен и конечниот редослед во двете полуфинални вечери, кои ќе се одржат на 9 и 11 мај. Нашата претставничка Јана Бурческа ќе настапи во првата половина од втората полуфинална вечер.

И.Ј.



Врати се горе ↑