Аудио кристијан

13 март, 2017

„Евровизија 2017“: Бугарија го има најмладиот претставник годинава

17-годишниот Кристијан Костов е најмладиот претставник на годинешното, 62. по ред издание на „Евровизија“, каде што пејачот ќе ги брани боите на Бугарија. Роден во 2000 година во Москва, Кристијан е одличен избор за годинешното евровизиско мото, „Славење на различноста“, бидејќи неговиот татко е од Бугарија, а мајка му од Казакстан. Во 2014 година, тој се натпреваруваше во руската верзија на музичкиот натпревар за деца „Гласот“, каде што ментор му беше евровизискиот победник Дима Билан, а следната година го освои второто место на бугарскиот „Х фактор“.

Костов во Киев ќе се натпреварува со темата „Beautiful Mess“, чии автори се бугарскиот композитор Борислав Миланов, Австриецот Себастијан Арман и Швеѓанецот Јоаким Персон, кои ја потпишаа и минатогодишната „If Love Was A Crime“ на Поли Генова, што на Бугарија ѝ го донесе највисокиот пласман досега, 4. место во финале.

Ова ќе биде 11. евровизиско учество за Бугарија, која се вклучи во натпреварот во 2005 година, а во финале успеала да се пласира само два пати. Освен минатогодишното 4. место, во финале се пласираа само претставниците во 2007 година, Елица и Стојан, кои со темата „Water“ го освоија 5. место.

Кристијан ќе настапи во рамките на втората полуфинална вечер на 11 мај, кога ќе ги видиме и претставниците на Србија и Хрватска, како и нашата Јана Бурческа со „Dance Alone“.

 



Врати се горе ↑