Свет måns

22 мај, 2015

„Евровизија 2015“: Шведска сè уште најголем фаворит, а сака да се придружи и Кина

И само еден ден пред големото финале на јубилејното 60. издание на „Евровизија“, според обложувалниците Шведска сè уште цврсто се држи на првото место како најголем фаворит за победа, а со речиси изедначени шанси во чекор ја следат Италија и Русија, на четврто место засега е Белгија, додека на петтото се најде гостинот Австралија. Ова е моменталната состојба на обложувалниците:

Австралија сака да остане

Како што е познато, земјата на кенгурите годинава за прв пат учествува во натпреварот, меѓутоа постои можност да стане постојан учесник, пренесува „Вивиблогс“. Имено, во првичната најава за годинешното гостување беше наведено дека земјата ќе учествува само еднаш, по повод јубилејот, но во неодамнешен разговор со шведскиот сервис „СТВ“, извршниот продуцент на фестивалот, Јон Ола Санд изјавил дека „интересна“ е идејата Австралија и понатаму да учествува во натпеварот, така што дополнително ќе се разгледа оваа опција.

Од „Евровизија“ до „Мондовизија“?

По приклучувањето на Австралија и можноста да остане како постојан учесник, „Евровизија“ има потенцијал да прерасне во глобален натпревар бидејќи од следната година сака да се приклучи и најголемата азиска земја – Кина! Во интервјуто коешто „Вивиблогс“ го направи со Јинг Ли, советник за стратегија и бизнис развој за кинескиот сервис „Хунан“, таа рече дека ЕБУ се отворени да ја разгледаат и таа можност.

Позната како „Манго ТВ“ заради своето овошно лого, телевизијата „Хунан“ е вториот најгледан канал во Кина, кој годинава во живо ги пренесуваше двете полуфинални вечери, а утревечер ќе го емитува и големото финале во 03.00 часот наутро, по локално време. Јинг рече дека евровизиските фанови во Кина можат да се поделат во две групи: професионалци кои им се восхитуваат на сцената, осветлувањето и дизајнот и гледачи кои ја сакаат манифестацијата заради музиката: „Без оглед на националностите или континентите, ние им се восхитуваме на најдобрите изведби“, рече таа, додавајќи: „Многу ни се допаѓа како е поставена сцената, без разлика дали е Европа или Кина“.

Изгледа дека патот на Кина на „Евровизија“ ќе биде сличен со оној на Австралија, која прв пат се појави на манифестацијата со изведувач во ревијалниот дел (Џесика Маубој во 2014 година), пред да се придружи во самиот натпревар (Гај Себастијан годинава), со можност да остане како постојан учесник и во следните години. „Тоа е прашањето што го поставивме“, вели Јанг, „ако може да имаме барем специјален изведувач на сцена, па потоа да му се придружиме на евровизиското семејство на сцена.“ Интервјуто со Јинг Ли погледнете го во продолжение.

 

Дали Австралија ќе остане и Кина ќе се придружи останува да дознаеме подоцна, а дали Шведска по шести пат ќе триумфира на натпреварот ќе дознаеме утревечер, во големото финале на „Евровизија 2015“. Преносот во живо ќе започне од 21 часот на првата програма на МРТВ, како и онлајн на „Јутјуб“.

И.Ј.



Врати се горе ↑