Аудио Esc2015logo

4 февруари, 2015

„Евровизија 2015“: Познати песните на Франција, Швајцарија и Кипар

Иако има уште доста време до јубилејното 60. издание на „Евровизија“, во чии рамки ќе се натпреваруваат 39 земји, веќе се објавени 9 песни кои ќе се борат за титулата „Песна на Евровизија за 2015 година“. Првата песна која ја слушна цела Европа беше токму нашата „Лисја есенски“ отпеана од Даниел Кајмакоски, кој ќе настапи во првата полуфинална вечер, а во изминативе два-три месеца ги слушнавме и темите на Холандија, „Воините“ на Малта и Грузија, како и баладата на нашиот западен сосед Албанија и Белорусија.

Покрај овие 6 песни, изминатиов период беа објавени и темите на Франција, Швајцарија и Кипар. 46-годишната Лиза Анжел ќе ги брани боите на Франција со темата насловена „N’oubliez pas“ (Не заборавајте). Оваа балада прв пат била отпеана во ноември минатата година, за време на комеморацијата за Првата светска војна, но пејачката нагласува дека песната не се однесува само на овој историски настан, туку на секаков вид на конфликт. „Се сеќавам на насмевките на децата, на гласот на мажите кои одат во полето, на прославите за Денот на благодарноста, мирисот на домовите, љубовта и смеата. Но, јас сум тука, не заборавајте“, потсетува Анжел во песната, а како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

 

„Време да блесне“ е за швајцарската претставничка Мелани Рене, која во втората половина на втората полуфинална вечер ќе настапи со песната „Time To Shine“. 24-годишната пејачка триумфираше на националниот избор во својата земја, во чии рамки се натпреваруваа 6 учесници. Како звучи нејзината песна можете да слушнете во продолжение.

 

На финалето на националниот избор во Кипар исто така се натпреваруваа шест изведувачи, а победата и билетот за Виена отиде во рацете на младиот кант-автор Џанис Карагианис. Со песната „One Thing I Should Have Done“, чии автори се самиот Карагианис и Мајк Конарис, пејачот ќе настапи во втората половина од втората полуфинална вечер. Интересно е тоа што Конарис претходно се потпишал како автор на хитот Stronger Every Minutе, со која Лиса Андреас ги бранеше боите на Кипар во 2004 година, кога го достигна најдобриот резултат досега, освојувајќи го петтото место. Оваа земја годинава се враќа на „Евровизија“ по пауза од една година, а како звучи „One Thing I Should Have Done“ можете да слушнете во продолжение.

 

Наскоро ќе биде претставена и песната „Amanecer“, со која 29-годишната пејачка Едурне ќе ја претставува Шпанија, а деновиве беше откриено дека боите на Чешка, која се враќа на натпреварот по пауза од пет години, ќе ги бранат Марта Јандова и Вацлав Ноид Барта, кои во првата половина од втората полуфинална вечер ќе настапат со сè уште необјавената песна „Hope Never Dies“. Веќе е познато дека Црна Гора, Белгија и Сан Марино ќе ги пратат Кнез, Лоик Ноте и Мишел Перниола со Анита Симончини, а сите песни ќе бидат објавени до крајот на март.



Врати се горе ↑