За Вас Esc2015logo

19 мај, 2015

„Евровизија 2015“: Еве кој ќе настапи вечерва

Вечерва и официјално започнува јубилејното 60. издание на „Евровизија“ во чии рамки ќе се натпреваруваат вкупно 40 земји, вклучувајќи го и специјалниот гостин за годинава – Австралија, која ќе се натпреварува директно во финалето, а ќе може да гласа во сите три вечери. Во вечерашната прва полуфинална вечер ќе настапат 16 земји, меѓу кои и нашиот претставник Даниел Кајмакоски, како и претставниците на нашите соседи Албанија, Србија и Грција.

1. Честа да настапи прв ќе ја има 22-годишниот Едуард Едуардович Романјута, кој веќе 3 пати се обидувал да добие можност да ги брани боите на родната Украина, но среќата му се насмевна дури годинава, кога конечно ќе запее на евровизиската сцена, но како претставник на Молдавија. Тој ќе се претстави со песната насловена „I Want Your Love“.

 

2. По повод 100 години од Ерменскиот геноцид што се случил во 1915 година, Ерменија годинава ја оформи супер-групата „Џенеалоџи“ (Genealogy) составена од шест членови, од кои 5 доаѓаат од различни континенти, но сите имаат ерменско потекло и потекнуваат од семејства кои се расселиле ширум светот по геноцидот во 1915 година, а шестата членка која живее во Ерменија е Инга Аршакијан и веќе ја претставувала својата земја во 2009 година како дел од дуото Инга и Ануш со песната „Jan Jan“, освојувајќи го 10. место во финалето.

Нивната песна првично насловена „Don’t Deny“, а потоа преименувана во Face The Shadow вечерва ќе ја слушнеме под реден број 2.

 

3. 18-годишниот Лоик Ноте (Loïc Nottet), кој се прослави со учеството во белгиската верзија на музичкиот натпревар „Гласот“ (The Voice), ќе ги брани боите на Белгија со темата „Rhythm Inside“ .

 

4. 42-годишната пејачка Трејнче Оштерхаус (Trijntje Oosterhuis) вечерва ќе ги брани боите на Холандија со песната „Walk Along“.

 

5. Најкратката песна во историјата на фестивалот ќе ја слушнеме токму вечерва во изведба на претставниците на Финска. Имено, панк-рок групата „Перти Курикан нимипаиват“ (во превод: Именденот на Перти Курикан), во која членуваат лица со пречки во развојот, е позната и по тоа што беше во фокусот на документарниот филм „Панк синдромот“, кој освои повеќе домашни и странски филмски награди. Нивната песна „Aina mun pitää“ (Секогаш морам да), која трае само 1 минута и 25 секунди, го собори рекордот кој досега го држеше темата „All“, која трае минута и 52 секунди и со која Патриша Бредин ги бранеше боите на Обединетото Кралство во 1957 година. Перти и екипата вечерва ќе настапат под реден број 5.

 

6. Нашиот јужен сосед годинава ја праќа 31-годишната Марија Елени Киријаку, која ќе се натпреварува со песната „One Last Breath“. Пејачката со потекло од Кипар е позната и по победата во првата сезона од грчката верзија на натпреварот „Гласот“ (The Voice), под менторство на Деспина Ванди. Таа вечерва ќе настапи под реден број 6.

 

7. Едни од фаворитите за победа годинава се Стиг Раста и Елина Борн, кои со песната „Goodbye to Yesterday“ ќе ги бранат боите на Естонија.

 

8. Редниот број 8 е резервиран за нашиот претставник Даниел Кајмакоски, кој во придружба на американското трио „Мрџ“ (поранешни членови на „Блекстрит“) ќе ги брани боите на нашата земја со „Autumn Leaves“. Како што е познато, автор на музиката и текстот е шведскиот композитор Јоаким Персон, а аранжманот на англиската верзија го направи нашиот Роберт Билбилов.

 

9. Веднаш по нас, на сцената ќе се појави претставничката на Србија, Бојана Стаменов, која ќе се натпреварува со песната „Beauty Never Lies“. 28-годишната пејачка се прослави со учеството и освоеното четврто место во третата сезона од натпреварот „Јас имам талент“, а нејзината евровизиска песна е дело на Владимир Грајиќ, кој се потпиша како автор и на победничката „Молитва“ на Марија Шерифовиќ. Бојана ќе пее под реден број 9.

 

10. 28-годишната Богларка Чемер, која настапува под името Боги, е годинешната претставничка на Унгарија. Со баладата насловена „Wars For Nothing“, пејачката порачува дека сите заслужуваме да живееме во мир. Боги ќе ја слушнеме вечерва под реден број 10.

 

11. Белорусија за свои претставници годинава ги избра Јузари и Мајмуна. 23-годишниот пејач Јуриј Навротски, кој стои зад псевдонимот Јузари, ги здружи силите со 34-годишната виолинистка по потекло од Русија, а нивната заедничка тема насловена „Time“ е дело на самиот Јузари, додека текстот го потпишува Светлана Гераскова. Дуото вечерва ќе настапи под реден број 11.

 

12. 27-годишната Полина Сергејевна Гагарина е годинешната претставничка на Русија. Познатата руска пејачка и актерка вечерва ќе се натпреварувасо песната „A Million Voices“.

 

13. Данска годинава ќе се натпреварува со групата „Енти соушл медија“ (Anti Social Media), кои под реден број 13 ќе настапат со песната насловена „The Way You Are.

 

14. Би-би-си ја опиша како еден од најмоќните вокали годинава, а Италија ја изгласа за победник на италијанската верзија на „Гласот“ (The Voice) во 2013 година. Тоа е прекрасната претставничка на Албанија – Елајда Дани. 21-годишната пејачка победи на минатогодишниот „Festivali i Këngës“, но од лични причини, авторот на песната „Diell“ реши да ја повлече од натпреварот, така што Елајда се најде во небрано и мораше итно да сними сосема нова песна, па можеби испадна уште подобро што својата земја ќе ја претставува со веќе големиот хит „I’m Alive“. Интересно е тоа што аранжманот го направија нашите познати композитори и продуценти Роберт Билбилов и Дарко Димитров, а Дани вечерва ќе ја видиме под реден број 14.

 

15. Претпоследните изведувачи вечерва се претставниците на Романија. Познатата романска група „Волтаж“, која од своето основање во 1982 година досега има издадено преку 20 албуми, а добитник е на повеќе награди, меѓу кои и „Најдобар романски изведувач“ на европските музички награди на „Ем-ти-ви“ во 2005 година, својата евровизиска песна ја посвети на една мошне сериозна тема – самотијата на децата.

„Евровизија има голема гледаност, што секако ќе придонесе за темата на нашата песна и кампањата што стои зад неа“, објаснил лидерот на групата, Калин Гоја, додавајќи: „Минатата година се докажа дека песните со сериозни општествени пораки имаа мошне добар пласман – Кончита победи за Австрија, а унгарската песна го освои четвртото место“, рече музичарот, а за време на нивниот настап под реден бој 15 ќе бидат прикажани и сцени од емотивниот видео запис за темата „„De la capăt“ (Од почеток).

 

16. Последната натпреварувачка вечерва е 19-годишната Нина Сулабериџе, односно Нина Сублати која боите на Грузија ќе брани со темата „Warrior“. Пејачката е позната во својата земја по победата на грузијскиот „Идол“ во 2013 година, а минатогодишниот деби албум „Dare To Be Nina Sublatti“ стана најпродаваното издание во земјата. Нина вечерва настапува под реден број 16.

 

Откако ќе настапат сите 16 претставници за вечерва, ќе започне телефонското гласање во сите земји чии претставници се дел од оваа вечер, како и жителите на Австрија, Шпанија, Франција и Австралија. Гласовите од публиката потоа ќе им бидат додадени на гласовите од жирито, кое веќе гласаше за време на вчерашната генерална проба, а односот ќе биде 50 : 50. Од 16-те претставници вечерва, во финале ќе се пласираат само 10, па се надеваме дека меѓу нив ќе биде и Македонија!

Вечерашната манифестација ќе започне во 21 часот со пренос на МРТ 1, а ќе трае до 23 часот. Втората полуфинална вечер нè очекува во четврток, 21 мај, исто така од 21 до 23 часот, а големото финале во кое ќе се натпреваруваат 27 земји (10 од првата, 10 од втората полуфинална вечер и 7-те кои одат директно во финале) е закажано за сабота, 23 мај, со почеток од 21 часот.

И.Ј.



Врати се горе ↑