Свет eurovision 2014

17 јули, 2013

Евровизија 2014 ќе се одржува од 6-10 мај

59-тото издание на изборот за песна на Евровизија следната година ќе се одржува од 6-10 мај, соопшти данската државна телевизија ДР во соработка со ЕБУ. Двете полуфинални вечери се закажани за 6-ти и 8-ми, а големото финале ќе биде во сабота, 10-ти мај. Сè уште не се знае кој град ќе биде домаќин на овој музички спектакл, а конечната одлука ќе биде донесена до крајот на летото. Иако настанот беше првично планиран за 13-17 мај, причината поради која терминот е поместен за една недела порано е тоа што новите дати повеќе им одговарале на градовите кои поднесоа барање да бидат домаќини, а тоа се Копенхаген, Хернинг и Хорсенс. Според анкетата на  esctoday.com,  во моментов најголем број гласови има Копенхаген.

Овогодинешниот Евросонг се одржа во Малме, Шведска, а Емели де Форест со победничката песна „Only Teardrops“ ја донесе трета победа за Данска, која претходно на овој избор победила во 1963 и 2000 година. Нашите претставници за годинава Влатко Лозаноски Лозано и Есма Реџепова Теодосиевска се претставија со песната „Пред да се раздени“, но за жал не успеаја да се пласираат во финале.

За следната година своето учество до сега го потврдија Албанија, Холандија, Грузија, Ирска, Финска и Исланд, а веројатно свој претставник ќе испрати и Белорусија.

Извор: esctoday.com



Врати се горе ↑