Свет eurovision2014

23 септември, 2013

Евросонг ги менува правилата

Деновиве пристигна ново соопштение од ЕБУ во врска со претстојниот избор за песна на Евровизија, кој следната година ќе се одржува во Копенхаген, Данска. Како што пренесува Esctoday, ќе бидат променети одредени правила во врска со жирито. По неодамнешните обвиненија дека на годинешниот избор Азербејџан се обидел да купи гласови од жирито, особено затоа што од годинава подеднакво се важни гласовите и на публиката и на жирито, ЕБУ донесе одлука имињата на сите членови од жирито да бидат објавени една недела пред самиот избор, а гласовите ќе бидат објавени веднаш по завршувањето на натпреварот, по големото финале на 8-ми мај.

Членовите на жирито мора да бидат професионалци (радио диџеи, артисти, композитори, текстописци или продуценти) во музичката индустрија и да не биле дел од жирито во претходните две години. „Построгите правила и поголемата транспарентност се важни за евровисизкиот избор, а ние сакаме да им докажеме на гледачите и на фановите дека секогаш даваме сè од себе за да има фер резултат.“ – изјавил Јон Ола Санд, кој е извршен надгледувач на овој популарен музички натпревар.

За да се избегнат можни неправди, од следната година ЕБУ ќе обезбеди платформа кадешто членовите на жирито и гледачите од дома ќе можат да пријават неправилности во врска со гласањето, а истите ќе бидат разгледувани од одговорните лица.

Македонскиот претставник за следната година е Тијана Дапчевиќ.

Извор и фото: esctoday.com 



Врати се горе ↑