Македонија 10246401_10152018355611036_4645817391510182921_n

8 мај, 2014

Евросонг 2014: Вечерва навиваме за Македонија!

Вечерва со почеток од 21 часот ќе имаме можност да ја проследиме втората полуфинална вечер од 59-тото издание на Евровизија, а 10 од 15-те земји кои ќе се натпреваруваат вечерва ќе успеат да обезбедат пласман за големото финале во сабота. Од вкупно 37 земји кои испратија свои претставници годинава, на првата полуфинална вечер во вторникот настапија 16, а 6 од нив си заминаа дома. На претставниците од „големата петка“ и домаќинот Данска веќе им се придружија и изведувачите од Црна Гора, Унгарија, Русија, Ерменија, Азербејџан, Сан Марино, Украина, Шведска, Холандија и Исланд.

Манифестацијата повторно ќе ја водат Николај Копел, Пилу Есбек и Лис Рон, а редоследот на земји е следниот:

  1. Малта: Фајрлајт – Coming Home
  2. Израел: Меи Фајнголд – Same Heart
  3. Норвешка: Карл Еспен – Silent Storm
  4. Грузија: Д Шин и Марико – Three Minutes To Earth
  5. Полска: Донатан и Клео – My Słowianie – We Are Slavic
  6. Австрија: Кончита Вурст – Rise Like A Phoenix
  7. Литванија: Вилија Матачуинаите – Attention
  8. Финска: Софтенџин – Something Better
  9. Ирска: Кан-Лин и Кејси Смит – Heartbeat
  10. Белорусија: Тео – Cheesecake
  11. МАКЕДОНИЈА: Тијана Дапчевиќ – To The Sky 
  12. Швајцарија: Себалтер – Hunter Of Stars
  13. Грција: Фрики Форчн и РискиКид – Rise Up
  14. Словенија: Тинкара Ковач – Round And Round
  15. Романија: Пола Селинг и Ови – Miracle

Професионалната жири комисија од сите земји кои ќе учествуваат вечерва, како и од Германија, Италија и Велика Британија, гласаше на синоќешната последна проба, а на нивните гласови кои изнесуваат 50% од вкупниот збир ќе им бидат додадени гласовите од публиката. Истото правило се однесува и на гледачите, односно вечерва ќе можат да гласаат само жителите на земјите чии претставници ќе ги видиме денес, како и жителите на Германија, Италија и Велика Британија. Како помина последната проба синоќа можете да видите во продолжение.

 

Според правилата, доколку има изедначен број на гласови за две или повеќе песни, највисоко рангирана ќе биде песната која добила најмногу гласови од телефонското гласање на публиката. Настанот ќе започне во 21 часот и ќе биде пренесуван на првата програма на Македонската Радио Телевизија и преку официјалната веб страна на Евровизија – eurovision.tv

Тијана заедно со придружните вокали Тамара, Диме и Пере, како и танчерот Дејан Коларов ќе настапат под реден број 11. Им посакуваме многу среќа и успех, со надеж дека ќе ги видиме и во финале! 

 



Врати се горе ↑