Свет eurovision-denmark-2014

25 септември, 2013

Евросонг 2014: Се откажаа веќе 6 земји, а се подготвува и Турковизија?

Сè поголем е бројот на земји кои го откажуваат учеството на најголемиот европски музички натпревар Евровизија, чие 59-то издание следната година ќе се одржи во Копенхаген, Данска. Своето учество до сега го потврдиле 22 земји, а од Балканот (за сега) свои претставници ќе испратиме ние, Албанија и Црна Гора. По овогодинешното балканско фијаско (ниту една земја од соседството не успеа да се пласира во финале), земјите од регионот полека се повлекуваат од овој натпревар. Деновиве своето учество го откажа и Хрватска, а во соопштението од ХРТ беше објавено дека причината за тоа е лошата економска состојба на земјата, но и лошиот пласман на нивните претставници во изминатите неколку години.

Босна и Херцеговина ни оваа година нема да се врати на евровизиската сцена, а нема да се вратат ни Словачка, Андора, Монако, Луксембург и Мароко, чие учество започнува и завршува во 1980 година. Веќе се познати и претставниците на три земји; Тијана ќе пее за Македонија, трансвеститот Кончита Вурст ќе ја претставува Австрија, а претставничката на Сан Марино, Валентина Монета ќе ги брани боите на својата земја веќе трета година со ред.

Познато е дека Турција уште годинава го откажа своето учество затоа што смета дека не е фер тоа што земјите од „големата четворка“ имаат поголеми привилегии од останатите земји, а како дополнителен удар на веќе разнишаниот избор за песна на Евровизија е и нивната одлука да го интернационализираат нивниот веќе постоечки натпревар Турковизија, па веќе во декември Турција ќе биде домаќин на еден голем фестивал.

Интересно е тоа што на овој фестивал ќе се приклучи и Босна и Хрецеговина. Ахмед Швракиќ, кој е директор на продукцијата Хајат во рамките на истоимената телевизија, неодамна потпишал договор со организаторите на Турковизија, а нивни претставници на фестивалот ќе бидат Емир & Фроузен Кемлс (Emir & Frozen Camels), чиј фронтмен Емир Буковица исто така присуствувал на потпишувањето на договорот.

На двете полуфинални вечери кои ќе се одржат на 19-ти и 21-ви декември ќе учествуваат дваесетина земји кои се историски и културолошки поврзани со Турција, а големото финале е закажано за 23-ти декември. Покрај БиХ, своето учество на Турковизија го потврди и Азербејџан, а ќе бидат поканети и Северен Кипар, Казахстан и Киргистан. Овој фестивал постои со години, но до сега право на учество имале само композиции на турски јазик.

 



Врати се горе ↑