Свет 10246653_10152398288743007_1154759836749592902_n

7 мај, 2014

Евросонг 2014: Познати првите 10 финалисти

Синоќа во Копенхаген, Данска, се одржа првата полуфинална вечер од 59-тото издание на Евровизија во чии рамки имавме можност да ги проследиме настапите на 16 од вкупно 37 земји кои учествуваат годинава. Манифестацијата ја отвори минатогодишната победничка Емели де Форест по која следеа изведбите на претставниците од Ерменија, Летонија, Естонија, Шведска, Исланд, Албанија, Русија, Азербејџан, Украина, Белгија, Молдавија, Сан Марино, Португалија, Холандија, Црна Гора и Унгарија. За време на ревијалниот дел од натпреварот имаа можност да гласаат само жителите на земјите кои беа дел од таа вечер, вклучувајќи ги и Шпанија, Франција и домаќинот Данска.

Меѓу првите десет финалисти кои во големото финале ќе им се придружат на земјите од „големата петка“ и домаќинот се најде и црногорскиот претставник Сергеј Четковиќ кој во сабота уште еднаш ќе ја отпее „Мој свијет“. Од останатите балкански земји учествуваше и Албанија, но Херсијана Матмуја за жал не успеа да обезбеди пласман за понатаму. Покрај Црна Гора во големото финале уште еднаш ќе ги видиме и Андраш Калај-Сондерс за Унгарија, близначките Толмачеви за Русија, потенцијалниот победник Арам Мп3 за Ерменија, Дилара Казимова за Азербејџан, Валентина Монета за Сан Марино, Марија Јаремчук за Украина, Сана Нилсен за Шведска, Д Комон Линетс за Холандија и Потлапанк за Исланд.

Интересен податок: Надоврзувајќи се на податоците кои Ви ги пренесовме во „Евровизија низ историјата“, Португалија за жал продолжува да биде најголемиот „губитник“ на Евровизија со оглед на тоа што учествува на овој натпревар уште од 1964 година, а ниту еднаш не се пласирала ни во првите пет. Овогодишната претставничка Сузи со песната „Quero ser tua“ која вчеравечер настапи под реден број13, не успеа да се пласира во финале.

Во втората полуфинална вечер која ќе се одржи во четврток, 8 мај, ќе се претстават 15 земји, а 10 од нив ќе имаат можност да се пласираат во финале. Покрај жителите на земјите чии претставници ќе настапат во четврток, можност за гласање ќе имаат и жителите на Германија, Италија и Велика Британија. Македонската претставничка Тијана Дапчевиќ ќе настапи под реден број 11. Интересно е тоа што вчера Тијана имала улога на коментатор и тоа за британски BBC: „Нашата другарка Тијана Дапчевиќ, вечерва доби покана од BBC да ја следи првата полуфинална вечер заедно со нив и да коментира… За прв пат во историјата на македонската Евровизија…“напиша Тамара на својот профил на Фејсбук.

Доколку ја пропуштивте синоќешната прва полуфинална вечер, сите настапи можете да ги погледнете во продолжение.

 

Ивона Јанкова

Фотографија: Сандер Хестерман (Sander Hesterman, EBU)

 



Врати се горе ↑