9 мај, 2014

Евросонг 2014: Македонија без пласман за финале

Синоќа во B&W Hallerne арената во Копенхаген, Данска, се одржа втората полуфинална вечер од 59-тото издание на Евровизија, а за влез во финале се натпреваруваа 15 земји меѓу кои и Македонија. Нашата претставничка Тијана Дапчевиќ заедно со придружните вокали Тамара, Диме и Пере и танчерот Дејан Коларов настапија под реден број 11, а останатите земји чии претставници ги видовме сношти беа Малта, Израел, Норвешка, Грузија, Полска, Австрија, Литванија, Финска, Ирска, Белорусија, Швајцарија, Грција, Словенија и Романија.

По изведбите на 15-те полуфиналисти, во ревијалниот дел настапи австралиската пејачка Џесика Маубој, како и бројни танчери од повеќе европски земји. За време на нивните настапи гласаше публиката од сите земји кои се натпреваруваа вчера, како и од Германија, Италија и Велика Британија, а бројот на гласови беше додаден на оној од жири комисијата која својот глас го даде за време на генералната проба претходниот ден. Откако пристигнаа конечните резултати, водителите на манифестацијата ги открија имињата на последните 10 финалисти, меѓу кои за жал не се најде Македонија, а тоа се Швајцарија, Словенија, Полска, Романија, Норвешка, Грција, Малта, Белорусија, Финска и Австрија.

Македонија годинава учествуваше на Евровизија по 14-ти пат, а како изгледаше настапот на Тијана и компанија можете да видите горе, додека сите настапи од вчерашната манифестација можете да ги погледнете во продолжение. Големото финале е закажано за утревечер, 10 мај, а од балканските земји ќе ги видиме претставниците на Црна Гора, Словенија, Грција и Романија.

Настапите на Полска и Ирска (веројатно заборавиле да ги стават на плејлистата).

 



Врати се горе ↑