Свет mdn

23 март, 2015

Еве зошто Би-би-си Радио 1 не ја пушта Мадона

Кралицата на поп музиката неодамна го обвини Би-би-си Радио 1 за дискриминација врз основа на старост, заради тоа што нејзиниот сингл „Living For Love“ не е сместен на нивната плејлиста. Радио станицата ги отфрли наводите со образложение дека пуштаат музика којашто ќе ги привлече помладите слушатели. Одлуката ја поддржал и познатиот диџеј на Би-би-си Радио 1, Скот Милс, кој за „Мирор“ изјавил: „Всушност, немам ништо против нејзиниот нов сингл. Но дали мислам дека Радио 1 треба да го пушта? Веројатно не.“

Како причина за тоа Милс навистина ја навел возраста, но не на Мадона, туку на нејзините фанови: „Радиото се обидува да ја спушти просечната возрасна граница на слушателите, а искрено, поголемиот дел од нејзините фанови се во триесеттите и четириесеттите години. Ако имате порелевантни музичари во подем, со кои можете да ја пополните плејлистата, а притоа да се и британски, тогаш мислам дека Би-би-си Радио 1 може легитимно да донесе таква одлука.“

Одговорот на Милс стигна веднаш по официјалниот одговор на станицата Радио 1 за обвиненијата за дискриминација од Мадона. Во соопштението се наведува дека „никогаш не се забрануваат изведувачи“ и дека изборот на песни зависи од „нивната музичка вредност и релевантност за нашата млада публика“, како и  дека „возраста на изведувачот не игра никаква улога во тоа.“

 



Врати се горе ↑