Македонија

25 септември, 2017

Еве кој сè ќе настапи на „Макфест 2017“

Уште само десетина дена нè делат од почетокот на годинашното, 32. по ред издание на фестивалот на забавни мелодии – „Макфест 2017“, кој после пауза од 3 години повторно ќе се одржува во стариот октомвриски термин. Трите фестивалски вечери се закажани за 5, 6 и 7 октомври, во чии рамки ќе слушнеме вкупно 30 нови композиции, односно по 15 во двете полуфинални вечери и 20 (по 10 финалисти од секоја вечер) во големото финале.

Деновиве на официјалната веб-страна на фестивалот беа објавени сите детали за песните, вклучувајќи ги авторите и изведувачите, а освен добро познати имиња од македонската сцена, како и гостите од странство, на сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип за првпат ќе запеат и некои нови, надежни имиња, дел од нив познати по учества на разни музички емисии од регионот.

1

Во рамките на првата полуфинална вечер ќе ги слушнеме: Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Емануел Баге Линдстром од Шведска, дуото „Риплеј бенд“, Зоран Илиев со Анабела Атијас, Мартина Иванова од Бугарија, Тамина Нијазова од Таџикистан, пинковата ѕвездичка Лина Пејовска, Пепа Димитрова, Лена Заткоска, Мартина Митревска, Елена Петреска, Лена Партикова Ременска, Симона Попоска и Биле, Ивана, Стефан и Дејан.

2

 

Во втората полуфинална вечер, пак, ќе се натпреваруваат: Мартинијан Кириловски, Боби Мојсовски, Влатко Илиевски, МАКЕДОН, „Само Тони и две жени“, Елвира Микиева од Азербејџан, Гунеш од Белорусија, Соња Бишоп од Финска, Тања Би, Ана Костовска, Наде Талевска, македонската Џенис Џоплин – Марија Ичкова, Марија Груевска, Антонија Гиговска и „Девојките“.

Како што напоменуваат организаторите, ова не е конечниот редослед на настапи, а истиот ќе биде утврден со влечење жрепка на претстојната новинарска конференција, која е закажана за среда, 27 септември, кога ќе бидат откриени сите детали за годинашниот фестивал. Уште еден новитет годинава е тоа што изведувачите ќе пеат на матрица, односно без придружба на Ревискиот оркестар на МРТ, како што беше случајот во изминативе неколку години.

И овој пат наградниот фонд ќе изнесува 26.500 евра, односно 10.000 за победничкиот тим, 7.500 за вицешампионите, а 5.000 за третопласираните. Покрај нив ќе бидат доделени и признанија за вокална изведба, аранжман, дебитант и за најдобар сценски настап, секоја од нив во вредност од по 1.000 евра. За сето тоа ќе одлучуваат меѓународно стручно жири и гласовите во публиката, во сооднос 50:50, а гласањето ќе се одвива по принципот еден телефонски број – еден глас, додека самите учесници ќе имаат можност да заокружат по 3 песни што најмногу им се допаѓаат.

И.Ј. / фотографии: Макфест.мк



Врати се горе ↑