Видео

24 март, 2018

Еве кој ќе ги придружува „Ај кју“ во Лисабон

Евровизиските претставници веќе интензивно се подготвуваат за претстојното 63. издание на фестивалот во Лисабон, кое ќе се одржи на 8, 10 и 12 мај, а полека се откриваат деталите и за настапот на нашите „Ај кју“, кои боите на нашата земја ќе ги бранат со темата „Lost And Found“. Имено, во рамките на вчерашната епизода на емисијата „Стисни плеј“ на МРТ беше откриено и кои ќе бидат придружните вокали, како и кој ќе се погрижи за кореографијата на евровизиската сцена.

Трите девојки што ќе пеат заедно со Марија и Бојан се веќе познати за македонската публика, претежно по учествата во разни музички емисии како што се „На иста адреса“, „Пинковите ѕвездички“ и „Кастинг талент шоу“. Станува збор за младите надежи Дина Јашари, Антонија Гиговска и Валери Димовска.

Откако ги освои симпатиите на регионалната публика во „Пинковите ѕвездички“, 17-годишната Антонија Гиговска продолжи да реди успеси на домашната сцена со настап и освоено 3. место на „Макфест 2017, а победи и на „Кастинг талент шоу“ добивајќи ја главната улога во првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, посветен на легендарниот Тоше Проески. Зад себе има неколку синглови, вклучувајќи го и неодамна објавениот „Слаба страна“, а во евровизискиот тим се нашла на покана од аранжерот на „Lost And Found“, Дарко Димитров. За ова прво евровизиско искуство вели дека едвај чека да го искуси, особено бидејќи кај нас нема толку големи сцени како евровизиската.

Велешанката Валери Димовска беше еден од фаворитите на првото македонско реално музичко шоу „На иста адреса“, кое неславно заврши предвреме, но тоа не беше никаква пречка за 22-годишната пејачка да продолжи по својот музички пат. Зад себе има неколку синглови, меѓу кои Не ти давам и „Дојди ти до мене, а исто како и Антонија, во евровизискиот тим ја поканил Дарко Димитров.

Преку „Кастинг талент шоу“ ја запознавме и талентираната Дина Јашари, која веќе подолго време соработува со „Ај кју“, пеејќи ги придружните вокали и свирејќи на акустична гитара во повеќе нивни песни и настапи во живо. Бојан Трајковски е автор и на нејзините синглови „Вреди ли“ и Дојди со мене, а доста популарна беше и соработката со прилепското електро-дуо „Сирилик“ за темата Во тебе се гледам.

За сето тоа да биде поставено на сцена во најдобро светло ќе се погрижи кореографката Јана Андрејевиќ – Лазарева, која зад себе има повеќе евровизиски искуства и на стандардната, но и на детската Евровизија. Била дел од тимовите на Ѓоко Танески, Влатко Илиевски, Боби Андонов, како и на минатогодишната претставничка Јана Бурческа.

Што имаа четирите девојки да кажат за процесот на подготовка за Лисабон, дознајте од прилогот на „Стисни плеј“.

Кој ќе ги придружува Ај Кју на Евровизиската сцена во Лисабон?!

Време е за акција! Тимот за Лисабон е комплетен :)Antonia Gigovska Dina Jashari Валери Димовска Jana Andrejevic-Lazarova

Posted by Stisni Play on Freitag, 23. März 2018

И.Ј.



Врати се горе ↑