Македонија

19 мај, 2019

Еве кој како гласаше на „Евровизија 2019“

Сè уште ги сумираме впечатоците од вчерашното возбудливо финале на „Евровизија 2019“, во кое нашата претставничка Тамара Тодевска го забележа досега највисокиот пласман за нашата земја (8. место), а во текот на гласањето се покажа како вистински фаворит на националните жирија, кои ја наградија со голем број десетки и дванаесетки. Веднаш по завршувањето на натпреварот беа обелоденети и резултатите од двете полуфинални вечери, па и тука можевме да забележиме дека „Proud“ котирала на високото 2. место.

Имено, во втората полуфинална вечер Тамара се натпреваруваше под реден број 17 и во конкуренција од 18 земји (меѓу кои најголемите фаворити за годинава), собрала вкупно 239 поени, односно 84 поени од публиката и 155 поени од националните жирија. Од публиката 12 поени добила само од хрватските гледачи, а 8 поени од гледачите во Албанија. Со по седум поени ја наградија гледачите од Швајцарија и Азербејџан, а по шест поени стигнаа од публиката во Ерменија, Германија, Холандија, Шведска, Малта и Русија. Пет поени беа доделени од Австрија, четири од Романија, два од Литванија и по еден поен од публиката во Данска, Италија и Норвешка.

Што се однесува на националните жирија, максимални 12 поени доделија Хрватска, Германија, Велика Британија и Албанија, а по 10 поени за „Proud“ стигнаа од Азербејџан, Молдавија, Русија, Романија и Данска. По осум поени доби од жиријата на Ерменија, Австрија и Швајцарија, по седум од Норвешка и Италија, шест од Ирска, пет од Летонија, четири од Холандија и по два поена од Малта и Литванија.

Во оваа полуфинална вечер, македонското жири составено од претседателката Сузана Стефановска, музичка уредничка и водителка во МРТ, поп-пејачот Роберт Вукелиќ, диџејката Тина Мицковска, музичарот Ристо Апостолов (од групата „Водолија“) и виолончелистката и пејачка Фјола Исмаили, ги даде следниве поени: 1 за Романија, 2 за Ерменија, 3 за Летонија, 4 за Шведска, 5 за Швајцарија, 6 за Холандија, 7 за Малта, 8 за Азербејџан, 10 за Русија и 12 за Албанија.

12 поени за Албанија стигнаа и од нашата публика, која гласаше и за Хрватска (10 поени), Холандија (8 поени), Русија (7 поени), Ерменија (6 поени), Азербејџан (5 поени), Малта (4 поени), Норвешка (3 поени), Швајцарија (2 поени) и Шведска (1 поен).

Од одделните резултати од оваа полуфинална вечер, Тамара била на прво место според жиријата, со 155 поени, а зад неа бил Швеѓанецот Џон Лундвик со 150 поени, додека Холанѓанецот Данкан Лоренс бил трет со 140 поени. Од публиката, најмногу поени доби Норвешка (170), потоа Холандија (140), а со 84 поени Тамара била седма.

Во големото финале пак, најголемиот број гласови стигнаа од жиријата (237), а останатите 58 од публиката, така што вкупниот број изнесуваше 295 поени. Од европската публика, за Тамара најмногу гласале гледачите во Србија и во Словенија, доделувајќи ни по 12 поени, 7 поени стигна од Хрватска, по шест од Албанија и од Црна Гора, пет од Малта, три од Азербејџан, по два поена добивме од Швајцарија, Грузија и Шведска, а еден поен стигна од публиката во Холандија.

Како што можевме да видиме и од преносот во живо, од националните жирија на 41 земја што учествуваше годинава, во финалето добивме максимални 12 поени од: Швајцарија, Австрија, Молдавија, Албанија, Велика Британија и Србија, а по десет стигнаа од жиријата на: Италија, Данска, Норвешка, Хрватска, Унгарија и Ерменија. По осум поени доделија Азербејџан, Летонија, Полска и Исланд, а по седум од: Германија, Романија, Австралија, Чешка, Финска, Франција и Црна Гора, додека по пет поени стигнаа од Португалија и Ирска. Четири поени добивме од руското жири, три малтешкото и холандското, два поена од словенечкото и по еден поен од грчкото и жирито на Сан Марино.

Слично како и во втората полуфинална вечер, најмногу поени од македонската публика и во финалето отидоа кај Албанија (12 поени) и Србија (10 поени). Осум поени му доделивме на Серхат од Сан Марино, седум на победникот Данкан Лоренс, шест на Микела од Малта и пет на Норвежаните „Кеино“. Четири поени од нас отидоа за Швајцарецот Лука Хани, три за Италијанецот Махмуд и два за Словенците Зала Краљ и Гашпер Шантл, додека еден поен доби Азербејџанецот Чингиз.

Во финалето, нашето жири им даде 1 поен на Кипар, 2 на Исланд, 3 на Швајцарија, 4 на Азербејџан, пет на Малта, шест на Русија и седум на Холандија, додека повисоките поени отидоа за Албанија (8 поени), Австралија (10 поени) и Италија (12 поени). Неочекувано беше тоа што Србија не доби ниту еден поен од нашето жири, па забележливо беше и разочарувањето на лицето на Невена Божовиќ.  Поединечните гласови на секој од членовите на нашето жири погледнете ги овде.

Иако од жиријата не доби многу поени, во финалето публиката гласала најмногу за Норвешка, собирајќи 291 поен од гледачите и само 47 поени од жиријата. Холандија била втора со 261 поен, а Македонија со 58 поени според публиката била на 12. место. Како што видовме и во вчерашното финале, според жиријата прв беше Швеѓанецот Џон Лундвик, а само со два поена помалку втора беше Тамара, додека Холанѓанецот беше трет.

Вака изгледаше гласањето на 64. издание на „Евровизија“, на кое благодарение на Данкан Лоренс, Холандија ја забележа својата петта победа на натпреварот, придружувајќи им се на Франција, Луксембург и Велика Британија на третото место според бројот на победи, веднаш зад Шведска, која победила шестпати и рекордерот Ирска (7 победи). Израел сега останува сам на 4. место со четири победи, а на листата со повеќе од една победа се и Данска и Норвешка, кои триумфирале трипати, и двократните победници Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Швајцарија и Украина.

За претходните четири изданија после победите на Холандија, натпреварот двапати се одржал во Хаг (1976 и 1980) и по еднаш во Хилверсум (1958) и во Амстердам (1970), a каде ќе се одржи јубилејното 65. издание на популарниот европски фестивал, ќе дознаеме веројатно на почетокот на следната година.

И.Ј.



Врати се горе ↑