Македонија

13 мај, 2018

Еве кој како гласал на „Евровизија 2018“

По вчерашната, четврта по ред победа на Израел на популарниот европски фестивал, оганизаторите ги објавија резултатите од трите фестивалски вечери, откривајќи по колку поени добила секоја земја и од стручните жирија и од телефонското гласање на публиката.

Македонските претставници „Ај кју“ се натпреваруваа во првата полуфинална вечер, но силната конкуренција не дозволи да го продолжат својот пат до финалето, пласирајќи се на претпоследното 18. место, односно едно место повисоко само од исландскиот претставник Ари Олафсон. Македонија оваа вечер освои само 24 поени, односно 18 поени од стручните жирија и 6 од публиката.

Од националните жирија, 1 поен на „Ај кју“ им додели жирито на Израел, 3 поени добиле од грчкото жири, 6 поени од Азербејџан и 8 поени од Албанија. Иако првичниот впечаток беше дека поголема поддршка ќе добиеме од публиката, за нашата „Lost And Found“ најмногу гласале во Бугарија и во Хрватска, доделувајќи ни 5 и 1 поен.

Резултати од жири

Резултати од телефонското гласање

Македонското жири пак, предводено од проф. д-р Миодраг Врчаковски и во состав: Иле Спасев, Ана Пандевска, Кристијан Габроски и Стефанија Лешкова-Зелениковска, најмногу поени (12) во првата полуфинална вечер им даде на бугарските претставници „Еквинокс“, 10 поени на албанскиот претставник Еугент Бушпепа, а 8 поени на претставникот на Чешка, Миколас Јосеф. Со седум поени го наградија Азербејџан, со шест хрватската претставничка Франка Бателиќ, а со пет победничката од Израел, Нета Барзилаи. Четири поени добила Естонија, три Кипар, а два Исланд, додека само еден поен од македонското жири добила Ирска.

Македонските гледачи на фестивалот  оваа вечер најмногу гласале за Албанија (12 поени), потоа за Хрватска (10) и за Бугарија (8), седум поени доби Кипар, а шест Чешка. Пет поени од македонската публика отидоа за Азербејџан, 4 за Грција, 3 за победничката од Израел, а два за Финска, додека најмалку се гласало за Швајцарија, чии претставници „Зибз“ добија само 1 поен.

Во големото финале, кога поените на нашето жири ги соопшти минатогодишната претставничка Јана Бурческа, најмногу поени доби Естонија, а 10 поени отидоа кај второпласираната претставничка на Кипар, додека со осум поени беа наградени претставниците на Србија, Сања Илиќ и „Балканика“. Седум поени од нас доби Швеѓанецот Бенџамин Ингросо, шест доби Албанецот Еугент Бушпепа, а пет поени финската претставничка Сара Алто. Чешка овој пат доби само 4 поени, Германија три и Словенија 2, а еден поен доби победничката тема на Израел.

Што се однесува на гласовите од публиката, македонските гледачи во финалето повторно најмногу гласале за Албанија (12 поени), за Србија (10) и за Кипар (8). Седум поени им доделивме на Бугарија, шест на Италија, а пет поени на Чешка. Четири поени отидоа кај Украина, три кај победничката тема од Израел, а два кај Словенката Леа Сир, додека еден пон им доделивме на претставниците на Молдавија.

„Ај кју“ се шести во низата македонски претставници што не успеаја да обезбедат пласман во финалето

Имајќи го предвид шестиот во низата на неуспешни обиди за пласман во финалето на Македонија, очигледно е дека ни е потребна некаква промена, без оглед дали тоа ќе биде во самата делегација, пристапот и/или организацијата. Дефинитивно ќе треба посериозно да се разговара дали проблемот лежи во квалитетот на нашите проекти или пак во геополитичките фактори што постојано ја оставаат Македонија меѓу најнеуспешните зејми на овој фестивал.

„Евровизија е проект во кој што навидум правила не постојат. Понекогаш е потребна само песна, многу често влијае и геополитичката положба на земјата, понекогаш е пресуден сценскиот настап за повисок пласман, а многу често визуелната презентација и од корен го менува првобитниот впечаток за песната и тука сме сведоци дека некои песни добиваат на вредност со визуелниот перформанс. Во секој случај, едно нешто е сигурно, за да се биде конкурентен на најгледаниот телевизиски спектакл, којшто секоја година ги надминува светските технолошки остварувања потребни се огромни финансии, а нашиот буџет за реализација на овој проект, иако во македонската јавност често се коментира како огромен, сепак во споредба со останатите држави е меѓу најмалите. Факт е дека изминатите неколку години впечатокот за Македонија на Евровизија е променет во насока на тоа дека нашата земја нуди навистина квалитетни композиции, но сметам дека треба да се вложи многу повеќе во севкупното претставување на Македонија на Евровизија, од аспект на сценски настап, промотивна кампања на песната и маркетинг. Не можеме да очекуваме спектакуларен резултат во услови кога севкупниот евровизиски проект на Македонија, чини помалку дури и од употребените пиротехнички ефекти на некои од земјите учеснички на изборот, но и со оние услови со коишто располагаме секој член од делегацијата се вложи максимално, за да го извлечеме најдоброто од овој проект“, изјавила шефицата на македонската делегација, Мери Попова.

Токму затоа, би било добро да се организира една јавна дебата на некоја од националните телевизии и да се донесе заедничка одлука за евентуалните промени во следните евровизиски проекти. Ако ништо друго, голем број земји покажале одлични резултати откако направиле барем една година пауза, а доказ за тоа се и последните два победника на фестивалот – Португалија и Украина, како и нашиот сосед Бугарија, чии претежно високи пласмани во изминатите три изданија (4., 2. и 14. место) следеа по исто така шест неуспешни обиди за влез во финале и двегодишната пауза во 2014 и 2015 година.

И.Ј. / Извор: Википедија



Врати се горе ↑