Македонија

11 мај, 2019

Еве кој е во стручното жири за „Евровизија 2019“

„Евровизија 2019“ само што не започнала, а деновиве во тек се пробите за трите фестивалски вечери што ќе се одржат на 14, 16 и на 18 мај. Евровизиските обожаватели веќе имаат фаворити, а обложувалниците се обидуваат да предвидат кој ќе ја понесе победата на 64. издание на популарниот европски фестивал, а и кои земји ќе се квалификуваат за финалето. Но, како што знаеме, гледачите пред малите екрани ќе придонесат само за 50% од гласовите, а останатите 50% ќе ги добиеме од стручните жирија од сите земји што се натпреваруваат годинава.

Строги правила

Секое национално жири е составено од пет професионалци од музичката индустрија, односно од четири членови и претседател. Од нив се бара да ја дадат својата оценка врз основа на: вокалниот капацитет на изведувачот, изведбата на сцена, композицијата и оригиналноста на песната, како и целокупниот впечаток од претставувањето. Секој член на жирито ќе ги рангира сите претставници, со исклучок на својот.

Како што споменавме, жиријата гласаат за време на генералната проба, односно втората костимска проба што се одржува претходната вечер пред секое шоу. Снимките од оваа проба воедно служат и како „резерва“ доколку дојде до непредвидени технички проблеми при директниот пренос.

За секоја полуфинална вечер, можност да гласаат имаат само жиријата и гледачите од земјите што се натпреваруваат во соодветното полуфинале, како и жиријата и гледачите од по три земји од шесте директни финалисти, односно „големата петка“ и домаќинот. Па така, жиријата и гледачите од Шпанија, Франција и Израел ќе гласаат во првата полуфинална вечер, а жиријата и гледачите од Германија, Италија и Обединетото Кралство ќе гласаат во втората полуфинална вечер, додека во големото финале в сабота ќе можат да гласаат сите од 41 земја, колку што учествуваат годинава.

Индивидуалните гласови од жиријата за сите три вечери ќе бидат обелоденети после саботното финале, кога ќе бидат објавени на официјалната веб-страна на фестивалот.

Фер-гласање

За да се осигури дека гласачкиот процес се одвивал правилно, работата на жиријата во секоја земја ќе биде надгледувана од независен набљудувач, па доколку се забележат нерегуларности, гласовите можат да бидат поништени. Таква ситуација имаше токму со нашето и жирито на Црна Гора во 2015 година, но сето тоа немаше никакво влијание врз крајниот резултат и победата на Швеѓанецот Монс Зелмерлоу.

Кој може да биде член на жири?

За членовите на жирито важат следните правила и критериуми:

  • Ниту еден член не треба да бил дел од жирито во претходните две години;
  • Секој член треба да има наполнето минимум 16 години на денот на гласањето;
  • Во жирито не треба да има повеќе од еден вработен во националниот сервис на земјата;
  • Членовите на жирито треба да имаат солидна музичка/уметничка позадина и релевантно професионално искуство (како што е пејач, музичар, композитор, текстописец, професионалец во полето на телевизијата или радиото, музички критичар/експерт, танчер или кореограф);
  • Членовите на жирито треба да бидат граѓани на земјата што ја претставуваат;
  • Ниту еден член од жирито не смее да биде поврзан со песните или изведувачите што се натпреваруваат на начин што ќе им влијае врз гласањето.

Членовите на жирито ги одбира националниот сервис во секоја земја, така што кај нас изборот го прави МРТ. Нашето жири годинава го предводи претседателката Сузана Стефановска, музичка уредничка и водителка во МРТ, а заедно со неа своите гласови ќе ги дадат и виолончелистката и пејачка Фјола Исмаили, поп-пејачот Роберт Вукелиќ, диџејката Христина Мицковска и авторот и пејач Александар Митевски. 

Тие се дел од вкупно 205 членови на жиријата годинава, а во случај некој член да биде спречен да гласа од која и да е причина, секое жири има и по еден резервен член. Најмладиот член на евровизиските жирија годинава има 16 години и доаѓа од Малта, додека настариот, 82-годишен член е од Хрватска. 96 членови од жиријата се жени, додека 109 се мажи. Меѓу нив има и изведувачи од претходните години, како што се минатогодишните претставници на Хрватска и на Србија – Франка Бателиќ и Александар Сања Илиќ (Балканика), во српското жири се и Леонтина Вукомановиќ, Александра Милутиновиќ и Воја Аралица, а дел од британското жири е познатата пејачка Софи Елис-Бекстор.

Евровизиската недела ќе биде официјално отворена утре, а трите фестивалски вечери нè очекуваат во вторник, четврток и во сабота. Нашата претставничка Тамара Тодевска настапува во втората полуфинална вечер на 16 мај, под реден број 17. Таа ќе настапи со темата „Proud“, авторско дело на композиторите Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски и на текстописците Коста Петров и Сања Поповска, а вокална поддршка од зад сцената ќе има од колегите Александра Јанева, Васил Гарванлиев и Антонија Гиговска. Според обложувалниците, шансите за пласман во финалето се доста големи, така што веќе веројатно е дека уште еднаш ќе ја видиме и во саботното финале. Среќно!

И.Ј. / Извор: eurovision.tv

 



Врати се горе ↑