Концерт

28 октомври, 2018

Еве кои македонски изведувачи ќе настапат на концертот за Тоше

Каролина Гочева и сестрите Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ се македонските изведувачи кои ќе настапат на концертот посветен на Тоше Проески што ќе се одржи на 2 ноември во ВИП арената „Борис Трајковски“. Учеството на шоуто кое ќе започне во 20 часот го потврдиле и Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Сергеј Четковиќ, Борис Новковиќ, Владо Калембер, Ања Рупел и женскиот бенд „Фрајле“. Од Меѓународната фондација „Тодор Проески“ информираат дека сè уште се преговара со уште неколку звучни имиња од регионот.

Исто така, на концертот ќе се отпеат и песни од мјузиклот во негова чест, „Тајно моја“, а ќе ги изведат Антонија Гиговска и Александар Тарабунов. Победничката на „Макфест 2018 ја играше главна женска улога, додека Тара настапуваше како замена за Денис Димоски, кој ја имаше главната машка улога.

На концертот ќе биде промовиран и албум со нови, досега необјавени песни од Тоше Проески. Албумот е со наслов „Secret Place“ и на него се наоѓаат седум нови песни на англиски јазик како и три преработки на познати хитови.

„Материјалот се работеше во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше – ’The Hardest Thing’“, додаваат од Фондацијата.

Фотографија на Tose Proeski.

По нивен избор, избрана е и насловна фотографија од Тоше за албумот, која е една од најдрагите на семејството и на соработниците на Тоше.

Влезниците се веќе пуштени во продажба во „Југотон“ и онлајн на www.jugoton.mk, а како што претходно најави организаторот, цената ќе биде прифатлива бидејќи настанот има хуманитарен карактер.



Врати се горе ↑