Видео

11 мај, 2019

Еве ја втората проба на Тамара

Привршуваат и вторите проби за годинашната „Евровизија 2019“, чии три фестивалски вечери ќе се одржат следната недела, на 14, 16 и на 18 мај, а за разлика од првите проби, овој пат имаме можност да видиме по триесетина секунди од тоа како ќе изледа секој настап преку камерите за директниот пренос. Откако собра само позитивни коментари во вторникот, својата втора проба денеска ја имаше и нашата претставничка Тамара Тодевска.

Реакциите и овој пат се позитивни, со мали забелешки за некои од кадрите, но општиот впечаток е дека сигурно се враќаме во финалето. „Ќе плачам ако ова ремек-дело не се квалификува“, „Боже, воопшто не го очекував ова. Северна Македонија досега поминуваше незабележано за мене, но ова е прекрасно!“, „Заслужено меѓу најдобрите десет. Прекрасен глас. Одлично сработено. Честитки“, се дел од коментарите под штотуку објавеното видео на официјалниот евровизиски канал, кое можете да го видите во продолжение:

 

Позитивниот прием се одрази и на обложувалниците, каде што денеска Тамара се искачи највисоко досега – на 13. место на целокупната табела со сите земји, а со 73% е седма меѓу потенцијалните десет финалисти од втората полуфинална вечер.

Како што велат евровизиските новинари од „Вивиблогс“ во своето видео со реакциите за денешните проби, македонската делегација ги откажала интервјуата после денешната прес-конференција заради технички проблеми. Нивниот генерален впечаток беше дека првата проба поминала подобро, но дека сепак не се намалени шансите за влез во финалето.

Фотографии: Андрес Путинг (eurovision.tv)

До главниот настан остануваат уште двете генерални проби, од кои едната е ден пред полуфиналето и во чии рамки ќе гласаат стручните жирија, од кои ќе ги добиеме 50% од целокупниот пласман. Веќе утре, на 12 мај, ќе имаме можност да го проследиме и официјалното отворање на евровизиската недела, кога делегациите на сите земји учеснички ќе продефилираат на портокаловиот килим на плоштадот Хабима во Тел Авив.

Најважната вечер за нас е в четврток, на 16 мај, кога комплетниот настап на Тамара ќе го видиме под реден број 17. Освен земјите што учествуваат во оваа полуфинална вечер, меѓу кои се и Албанија и Хрватска, можност да гласаат ќе имаат и жителите на Италија, Германија и Обединетото Кралство. Среќно!



Врати се горе ↑