Видео

20 ноември, 2018

Еве ја првата евровизиска проба на Марија во Минск

По официјалното отворање на евровизиската недела во Минск, веќе започнаа и првите проби на дваесетте претставници што се натпреваруваат на 16. издание на детскиот Евросонг, а за нашата Марија Спасовска веднаш пристигнаа одлични коментари. Евровизиските обожаватели конечно можат да здивнат бидејќи она што најмногу ги загрижуваше беше начинот на којшто песната ќе биде поставена на сцена.

„Конечно добра сценографија!“, „Очекувам Македонија да го има најдобриот пласман досега“, „Вокалот е одличен, сценографијата исто така, сигурно ќе гласам за Марија“, „Ова е песна со најдобра порака на фестивалот“, вака гласат коментарите под штотуку објавеното видео од првата проба на Марија, која и покрај очигледната возбуда, на сцена делува сигурно и самоуверено, донесувајќи ја оваа моќна балада на вистинскиот начин.

 

Пред почетокот на пробите, сите дваесет претставници утрово беа на прием на претседателот на Белорусија, Александар Григориевич Лукашенко. „Тој ни ја даде најголемата поддршка и нè прогласи сите за победници“, напиша Марија за ова бајковито искуство.

Денешното утро не беше како секое утро. Беше бајковито на прием кај претседателот на Белорусија – Александар Григориевич…

Gepostet von Marija Spasovska / Марија Спасовска am Dienstag, 20. November 2018

 

Очигледно е дека младата пејачка одлично се подготвила за овој голем предизвик, а за изведбата на „Дома“ да биде најдобра што може, таа работеше со професорката по пеење Ана Костадиновска и режисерката Љупка Јакимовска, која се погрижи за сценографијата и кореографијата, додека за прекрасниот фустан беше задолжена модната креаторка Елена Лука.

Како ќе изгледа сето тоа на сцената во арената „Минск“ ќе дознаеме в недела, 25 ноември, а веќе два дена претходно, односно уште од петок ќе можеме да гласаме за нашата Марија преку официјалната веб-страна на фестивалот. Среќно!



Врати се горе ↑