12 март, 2018

Еве ја евровизиската песна на „Ај кју“

Во рамките на вчерашниот централен Дневник на МРТ беше премиерно претставена евровизиската песна за годинава, „Lost And Found“, со која во Лисабон боите на нашата земја ќе ги брани групата „Ај кју“. Во кусата најава, Бојан и Марија открија како си поминале за време на снимањето на видеото, за кое се погрижи Јован Куциновски, а кое е снимено во еден кадар.

Тие додадоа и дека се подготвуваат за „офанзива“, односно промоција на песната низ Европа и регионот, што веројатно значи дека ќе настапат на традиционалните предевровизиски забави. Веднаш по премиерата на МРТ, видеото беше објавено и на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб, каде што веднаш можеа да се забележат позитивни критики од љубителите на популарниот фестивал.

„Не го очекував ова“, „Уште еден одличен хит од Македонија“ и „Македонија е секогаш потценета, се надевам овој пат ќе влезе во финале“, се само дел од коментарите напишани под нашето видео, па сега останува да видиме како ќе се одвива понатамошната промоција и, секако, самиот настап во Лисабон, каде што „Ај кју“ ќе настапат во рамките на првата полуфинална вечер на 8 мај.

Само за потсетување, автор на музиката и текстот на „Lost And Found“ е гитаристот и вокал на групата, Бојан Трајковски, за аранжманот и продукцијата се погрижи Дарко Димитров, а како звучи и изгледа сето тоа дознајте горе. Уживајте!

И.Ј.



Врати се горе ↑