Македонија

15 јуни, 2018

Еве ги првите макфестовски наслови за годинава

Вкупно 17 композиции што беа испратени на конкурсот за 33. издание на „Макфест“, ќе бидат исполнети во живо на една или две од трите фестивалски вечери што ќе се одржат на 4, 5 и 6 октомври, беше соопштено неодамна на официјалната веб-страница на фестивалот. Имено, после три преслушувања на пристигнатите композиции на Конкурсот објавен на 21 февруари годинава, селекционата комисија ги одбра следниве композиции со работен наслов:

  1. Ме научи да бидам своја
  2. Како зрно песок
  3. Песно моја
  4. Милион причини
  5. Не ме следи
  6. Мое мило
  7. Знаев сè
  8. Љубов
  9. Невреме
  10. Што ни остана
  11. Караван на љубовта
  12. Безимена
  13. Љубовта е
  14. Убав е овој свет
  15. Јас немам ниту сон
  16. Тој сон нека потрае
  17. Таму некаде

Секако дека ова се само дел од песните што ќе се натпреваруваат на годинашниот фестивал, а како што велат организаторите, останатите ќе бидат обезбедени по пат на нарачка.

„Заради потребата од квалитетни композиции и вокални интерпретатори, согласно Правилникот, организаторот и уметничкиот директор на фестивалот (Владимир Дојчиновски) одлучија преостатаните композиции да бидат обезбедени по пат на нарачка, и тоа од автори што имаат освоено најмногу победи и награди на фестивалот ’Макфест’ досега, како и од во моментов најзастапените автори во Република Македонија, кои, исто така, ќе бидат преслушувани“, пишува во соопштението.

Откако минатиот месец ја презеде функцијата уметнички директор на фестивалот, Владимир Дојчиновски изјави дека ќе има одредени промени за годинашното издание, вклучувајќи го и начинот на гласање, а и покрај тоа што ќе има меѓународен карактер, ќе се пее исклучиво на македонски јазик.

Наградниот фонд останува ист како минатата година, односно победничката композиција ќе биде наградена со 5.000 евра во денарска противвредност, второпласираната со 3.000, а третопласираната со 1.000 евра во денарска противвредност, додека со по 500 евра во денарска противвредност ќе бидат наградени добитниците на наградите „Драган Ѓаконовски – Шпато“ за најдобар аранжман, најдобра вокална интерпретација, најдобар дебитант и за најдобар сценски настап.

Рокот за предавање на готова снимка од песните е 15 август, а повеќе детали околу 33. издание на популарниот македонски фестивал се очекуваат во периодот што следува.

Извор и фотографија: Макфест.мк



Врати се горе ↑