Настани

14 мај, 2019

Еве ги првите 10 финалисти за „Евровизија 2019“

Возбудливо и непредвидливо, вака може да се опише соопштувањето на десетте финалисти од првата полуфинална вечер на „Евровизија 2019“, започнувајќи го првото поглавје од 64. издание на популарниот фестивал. Но, да почнеме од почеток.

Израел дефинитивно може да добие само пофални зборови за она што го видовме досега. Иако имавме видено куси извадоци од пробите, речиси секој од настапите изгледаше спектакуларно, изведувачите звучеа одлично, сето тоа дополнето со мошне интересни сценографии и кореографии. Разиграни беа и разгледниците што се прикажуваа пред секој настап, во кои претставниците танцуваа на различни локации ширум земјата.

 

Традиционално, вечерта ја отвори минатогодишната победничка Нета Барзилаи, која го отпеа победничкиот хит „Toy“ со малку изменет аранжман и во друштво на бројни танчери, но и уште десетина Нети во форма на холограм. Натпреварувачкиот дел, пак, започна со кипарската претставничка Тамта, а заврши со Серхат од Сан Марино, додека во ревијалниот дел пееше израелската победничка од 1998 година, Дана Интернејшнал, изведувајќи го хитот на Бруно Марс – „Just The Way You Are“.

На самиот крај, откако заврши телефонското гласање на публиката, резултатите беа додадени на оние од жиријата кои гласаа вчера за време на генералната проба, па водителите соопштија кои десет од седумнаесетте земји ќе продолжат во саботното финале. Интересно е тоа што предвидувањата на обложувалниците се менуваа буквално до самиот крај, па некои земји се искачија, а некои слегоа подолу на табелата, па пред соопштувањето на финалистите сето тоа изгледаше вака:

Барем нашите предвидувања се остварија, односно обложувалниците погодија вкупно осум од десетте финалисти. Имено, сосема очекувано во финале продолжуваат: Грција, Србија, Кипар, Чешка, Австралија, Исланд, Словенија и Естонија, а непредвиден пласман обезбедија Белорусија и Сан Марино. Иако шансите за пласман беа големи, унгарскиот претставник Јоци Папаи не успеа да влезе во финалето, а португалскиот претставник Конан Озирис се „шеташе“ на списокот скоро цел ден, но и покрај тоа што во последен момент се искачи од 12. на 10. место, сепак не влезе во финале.

Имајќи го предвид сево ова, се чини дека атмосферата допрва ќе се вжештува и обложувачите уште повеќе ќе ги засукаат ракавите за да ги предвидат и следните десет финалисти, но и победникот на фестивалот. Според моменталната состојба, за нашата земја и понатаму шансите за пласман се над 70%, па в четврток ќе дознаеме дали и ние ќе бидеме еден од погодоците.

Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија во финалето ќе им се придружат на домаќинот Израел и на „големата петка“ (Франција, Италија, Германија, Шпанија и Обединетото Кралство), а кои ќе бидат последните десет финалисти ќе дознаеме в четврток на 16 мај. Тамара Тодевска со „Proud“ ќе настапи под реден број 17. Среќно!

Доколку го пропуштивте преносот во живо, целото прво полуфинале можете да го прегледате овде, а само настапите овде.

И.Ј.



Врати се горе ↑