Видео

8 мај, 2019

Еве ги првата прес-конференција и првите интервјуа на Тамара

По одржувањето на првата проба, нашата претставничка Тамара Тодевска и нејзиниот тим ја одржаа и првата конференција за новинарите, а веднаш потоа беше „нападната“ и од бројните евровизиски портали кои сакаа да поразговараат со неа и со придружните вокали Александра, Васил и Антонија. Разговарајќи со нив, Тамара истакна дека е и повеќе од задоволна од првата проба, но нагласи дека сè уште не сме виделе сè.

Мошне интересен момент имаше во разговорот со евровизискиот портал „ESCKAZ“, кога новинарот праша дали бојата на фустанот е поврзана со движењето за право на глас на жените кое се случуваше во англосаксонските земји на почетокот на минатиот век. Имено, суфражетките (suffragettes), како што се нарекуваа тогаш, во борбата за право на глас ја користеле и модата, па често се облекувале во бело, виолетово и  во зелено, а овие бои се најдоа и на знамињата на кои беше испишано „Глас за жените.

Сепак, како што рече Тамара, смарагдно-зелената боја на фустанот ја одбрале како смирувачка и лековита, па поврзаноста со ова движење е само интересна коинциденција. Како и да е, се чини дека евровизиската публика е навистина задоволна од она што го сработиле Тамара и нејзиниот тим, па сето тоа се одразува и на обложувалниците, каде што шансите за пласман во финалето веќе се искачија речиси до 70%.

Откако имавме можност да ја ѕирнеме вчерашната прва проба, деновиве ќе можеме да видиме и кус извадок од втората проба и како ќе изгледа сето тоа преку камерите за телевизискиот пренос, а целиот настап во целост ќе го видиме следниот четврток, на 16 мај. В недела нè очекува и официјалното отворање на 64. издание на „Евровизија“, а директен пренос од портокаловиот килим на плоштадот Хабима во Тел Авив ќе има на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб. Како поминаа првата прес-конференција и првите интервјуа на Тамара и на придружните вокали дознајте во видеата во продолжение.



Врати се горе ↑