Свет

11 февруари, 2019

Еве ги победниците на „Греми 2019“

Во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес синоќа се одржа 61. доделување на музичките награди Греми, чија водителка за првпат беше Алиша Киз, а четиричасовната манифестација беше збогатена со дваесетина спектакуларни настапи на актуелни ѕвезди, легендарни икони и нови надежи на светската музичка сцена. По 61. пат беа наградени најдобрите дела и уметници за изминатата година, а им беше оддадена чест и на годинашната добитничка на наградата „МјузиКерс“ (MusiCares) – Доли Партон, на легендарната музичка куќа „Мотаун“, која прослави 60 години од основањето, како и на Дајана Рос, по повод нејзиниот 75. роденден.

Како и секогаш, најголемо внимание привлекуваат четирите главни категории од тн. генерално поле, каде што може да се каже дека триумфираше мултиталентираниот актер и музичар Доналд Гловер алијас Чајлдиш Гамбино, чија тема „This Is America“ ги освои наградите за песна и снимка на годината, како и за видео на годината и за најдобра рап-отпеана изведба.

 

За албум на годината беше прогласено изданието „Golden Hour“ на кантри-ѕвездата Кејси Масгрејвс, која ја освои и наградата за најдобар кантри-албум, а и покрај силната конкуренција, признанието за најдобар нов уметник отиде во рацете на една од младите ѕвезди во подем – Дуа Липа. 23-годишната пејачка со косовско потекло победи и во втората категорија во која беше номинирана – најдобра денс-снимка – за соработката со „Силк сити“  – „Electricity“.

Оваа награда е доказ дека не е важно од каде си и од каде потекнуваш, или дека имаш име што е во чест на твоите корени, ништо не може да застане на патот на твоите соништа, а јас сум доказ за тоа“, изјави сопственичката на хитовите „New Rules“ и „IDGAF“, која на доделувањето го изведе и број 1 хитот „One Kiss“.

Дрејк: „Благодарам, но не, благодарам“?!

Иако предводеше според бројот на номинации (8), рап-ѕвездата Кендрик Ламар освои само една награда (најдобра рап-изведба за „King’s Dead“), а само една од потенцијалните седум награди освои и Дрејк – најдобра рап-песна за „God’s Plan“. Канадскиот рапер, кој е еден од најноминираните уметници со најмалку победи во изминативе години, одлучи тоа да го изрази и во својот говор примајќи ја својата четврта статуетка досега.

Искрено, не очекував дека воопшто ќе добијам награда, но би сакал да ја искористам пригодава да им се обратам на сите млади уметници што имаат нешто да кажат. Не е важно кои сте, од каде доаѓате и какво потекло имате, и не е важно дали некогаш ќе стигнете на оваа или слична сцена за да се заблагодарите за некоја награда. Единственото важно нешто што ќе ви каже дека сте успеале е кога луѓето ќе чекаат во ред на дожд или на снег за да одвојат од своето време и своите тешко заработени пари за влезница за вашиот концерт и кога ќе ги пејат вашите песни од почеток до крај! Навистина не ви треба ова!“, рече тој пред неговиот говор да биде прекинат со реклами.

 

Исто така, Дрејк и Кендрик претходно ја одбија поканата да настапат на доделувањето, за кое велат дека недоволно ја почитува рап-музиката.

Ова се само дел од моментите што го одбележаа вчерашното 61. доделување на музичките награди Греми, а комплетниот список со победници во сите осумдесетина категории можете да ги видите на официјалната веб-страна на Греми. Настапите се очекува да појават на Јутјуб и слични платформи во деновиве што следуваат.

И.Ј.



Врати се горе ↑