Видео

20 февруари, 2019

Еве ги победниците на „БРИТ 2019“

Во арената „О2“ во Лондон по 39. пат се одржа доделувањето на британските музички награди, а манифестацијата беше збогатена и со спектакуларните настапи на едни од најактуелните музички имиња од британската, но и од светската сцена. Честа да ја отвори вечерта му припадна на австралискиот актер и пејач Хју Џекмен, кој настапи со темата The Greatest Show од филмот „Најголемиот шоумен“ (The Greatest Showman), чиј саундтрак беше едно од најпродаваните изданија за 2018 година.

 

Спектакуларен настап со изведбата на број 1 хитот „Shotgun“ имаше и русокосиот шармер Џорџ Езра, кој годинава ја доби својата прва БРИТ-награда (британски машки уметник), како и четворката „Литл микс“ и Мис Бенкс со женската химна „Woman Like Me“, чија екранизација беше прогласена за британско видео на годината, додека добитничката на наградата за британски женски уметник – Џорџа Смит – нè разнежи со моќната балада Don’t Watch Me Cry“.

 

Годинашниот добитник на наградата за продуцент на годината – шкотскиот диџеј и продуцент Келвин Харис ја разигра публиката со своите хитови „Giant“, „Promises“ и „One Kiss“, кои ги изведоа Рег-ен-боун мен, Сем Смит и Дуа Липа, а соработката токму со Липа се закити со титулата британски сингл на годината. Веднаш по нив во дует настапија Џес Глин и Хр со позитивната „Thursday“, а вечерта ја затвори годинашната добитничка на наградата за исклучителен придонес во музиката – американската ѕвезда Пинк.

 

Интересен момент од вечерта беше и кога Бијонсе и Џеј Зи ја примија наградата за најдобра интернационална група. Имено, бидејќи брачната двојка Картер не беше присутна на манифестацијата, тие се заблагодарија преку видео-порака, застанати пред портрет од некогашната американска актерка, a сега британска принцеза – Меган Маркл.

 

Добитници во интернационалните категории се и Аријана Гранде и Дрејк, кои исто така беа отсутни на настанот и се заблагодарија за наградите преку видео-порака.

Сè на сè, уште едно одлично доделување на британските музички награди чиј водител по вторпат беше британскиот актер и комичар Џек Вајтхол, а победниците во сите категории ве очекуваат во продолжение, додека настапите ќе ги видите подолу.

Британски албум на годината

  • A Brief Inquiry into Online Relationships – 1975 – ПОБЕДНИЦИ
  • Speak Your Mind – Ен-Мари
  • High As Hope – Флоренс енд д машин
  • Staying At Tamara’s – Џорџ Езра
  • Lost & Found – Џорџа Смит

Британски машки уметник

  • Ејфекс Твин
  • Крег Дејвид
  • Џорџ Езра – ПОБЕДНИК 
  • Гигс
  • Сем Смит

Британски женски уметник

  • Ен-Мари
  • Флоренс енд д машин
  • Џес Глин
  • Џорџа Смит – ПОБЕДНИЧКА
  • Лили Ален

Британска група

  • 1975 – ПОБЕДНИЦИ
  • Арктик манкис
  • Горилаз
  • Литл микс
  • Јирс енд јирс

Британски уметник во подем

  • Ела Меј
  • Ајдлс
  • Џорџа Смит
  • Мејбл
  • Том Вокер – ПОБЕДНИК

Избор на критиката

  • Сем Фендер – ПОБЕДНИК
  • Луис Капалди
  • Махалија

Британски сингл на годината

  • Ен-Мари – 2002
  • Келвин Харис и Дуа Липа – One Kiss – ПОБЕДНИЦИ
  • Клин бандит и Деми Ловато – Solo
  • Дуа Липа – IDGAF
  • Џорџ Езра – Shotgun
  • Џес Глин – I’ll Be There
  • Рамз – Barking
  • Рудиментал со Џес Глин, Меклмор и Ден Каплен – These Days
  • Сигала и Палома Фејт – Lullaby
  • Том Вокер – Leave а Light On

Интернационален женски уметник

  • Аријана Гранде – ПОБЕДНИЧКА
  • Камила Кабејо
  • Карди Би
  • Кристин енд д квинс
  • Џанел Моне

Интернационален машки уметник

  • Дрејк – ПОБЕДНИК
  • Еминем
  • Камаси Вашингтон
  • Шон Мендес
  • Тревис Скот

Интернационална група

  • Брокхемптон
  • Картерс (Бијонсе и Џеј Зи) – ПОБЕДНИЦИ
  • Шик
  • Фрст-ејд кит
  • Туенти-уан пајлотс

Британско видео на годината

  • Ен Мари – 2002
  • Келвин Харис и Дуа Липа – One Kiss
  • Клин бандит и Деми Ловато – Solo
  • Дуа Липа – IDGAF
  • Џекс Џонс и Ина Вролдсен – Breathe
  • Џонас блу со Џек и Џек – Rise
  • Лиам Пејн и Рита Ора – For You
  • Литл микс и Ники Минаж – Woman Like Me – ПОБЕДНИЧКИ
  • Рита Ора – Let You Love Me
  • Рудиментал со Џес Глин, Меклмор и Ден Каплен – These Days

Британски продуцент на годината – Келвин Харис

Награда за глобален успех – Ед Ширан

Награда за исклучителен придонес во музиката – Пинк

И.Ј.



Врати се горе ↑