Балкан x-faktor-adria

13 мај, 2015

Еве ги дванаесетте финалисти на „Х фактор“

Вчера ја прегледавме и последната епизода од фазата „Домовите на судиите“, па откако Тончи и Александра ги одбраа своите кандидати, конечно се познати 12-те финалисти кои од недела ќе настапуваат во живо и ќе се борат за гласовите на публиката. Како што е познато, на самиот почеток од првата финална вечер ќе им се придружи уште еден, тринаесетти финалист, односно еден од дванаесетте отпаднати кандидати за кои во моментов се гласа преку  апликацијата „Вајлд карта на фан станицата на „Самсунг“. Меѓу нив се и нашите Боби Мојсоски и Алмир Исмаили, кои сè уште се надеваат на вашата поддршка.

Сите настапи од последната епизода погледнете ги овде, а во продолжение дознајте повеќе за финалистите кои ќе се борат за титулата победник на „Х фактор“.

Постари од 27 години (ментор: Масимо Савиќ)

Првиот финалист од оваа категорија е 35-годишниот Босанец Амел Ќуриќ, кој на домашен терен е мошне познат по учествата и победите на бројни музички натпревари и фестивали, како и хитови наградувани на повеќе манифестации, а бил член и во неколку бендови. Кариерата ја започнал по победата на натпреварот „Супенова мјузик талентс“ (Идол) во 2003 година, а својот деби албум Урнебес го објавил во 2006 година. На првата аудиција на „Х фактор“ го воодушеви жирито со изведбата на „Да те Богдо не волим“ од „Бијело дугме“, а во „регрутниот камп“ со „Лажеш злато, лажеш душо“, исто така од „Бијело дугме“. Во последната фаза се одлучи за странска песна изведувајќи ја „Broken Strings“ од Џејмс Морисон.

Богато искуство и музичко наследство има и вториот финалист од оваа категорија, а тоа е 37-годишниот Никола Марјановиќ од Загреб, Хрватска. Имено, неговиот дедо, Марјан Марјановиќ – Моша бил основач на „Девилс“ (The Devils), првиот професионален џез состав во поранешна Југославија, чие име денеска го носи годишната Награда за млади џез надежи во Хрватска, а татко му Хрвоје Марјановиќ – Харма е заслужен за процутот на некогашниот легендарен клуб „Кулушиќ“ во Загреб, а основач е и на групите „Плаве траве заборава“ и „Табаско банда“. Никола се занимава со музика уште од средношколските денови, членувајќи во повеќе бендови, меѓу кои секако најзначаен е неодамна распаднатиот состав „Сејн“, кој го „открил“ канадскиот продуцент Стивен Хармер. Оформен во 1996 година во Онтарио, Канада, „Сејн“ го сними својот прв авторски албум „Anteluppiula“ со легенданиот Крис Рудик („Раш“, „Нирвана“, „Бернејкед лејдис“ и др.), а на Јутјуб можат да се погледнат и повеќе уникатни преработки на светски хитови.

Марјановиќ доби одлични критики од судиите уште при првата аудиција кога настапи со „Locked Out Of Heaven“ од Бруно Марс, а во „регрутниот камп“ повторно воодушеви и со одличната интерпретација на „Someone Like You“ од Адел. Своето место во финалето си го обезбеди со изведбата на „Airplane“ од „Ред хот чили пеперс“, а како изгледаше тоа можете да се потсетите во продолжение.

 

Единствената дама во оваа категорија е 33-годишната Јелена Ѓуриќ од Белград, која исто така подолго време се занимава со музика, пеејќи како придружен вокал на бројни ѕвезди од Србија, а често настапува и по ноќни клубови ширум земјата. Нејзината аудиција не беше прикажана во првите епизоди, така што за прв пат ја видовме во „регрутниот камп“, кога се претстави со познатата „Stop“ од Сем Браун, добивајќи само пофални зборови од жирито. Своето место во финалето си го обезбеди со прекрасната „Hallelujah“ од Леонард Коен, а како изгледаше сето тоа потсетете се во продолжение.

 

Девојки (ментор: Жељко Јоксимовиќ)

Првата финалистка од најнежната категорија е 20-годишната акушерка Катарина Симиќ од Младеновац, Србија. На аудицијата се претстави со „It’s Raining Men“ од „Уедр грлс“ (The Weather Girls), а во „регрутниот камп“, и покрај тоа што имаше воспаление на белите дробови и за малку ќе се онесвестеше на сцена, сепак одлично го отпеа филмскиот хит „What a Feeling“ од Ајрин Кара. Своето место во финалето си го обезбеди со изведбата на евергринот „Бато“ од нашата Калиопи.

 

Втората девојка од категоријата на Жељко е босанското чудо од дете – 17-годишната Магдалена Богиќ, која ги освои симпатиите на целиот Балкан со моќната изведба на „Молитва“ од Марија Шерифовиќ, а во регрутниот камп повторно воодушеви со „Black Velvet“ од Алана Мајлс, додека во последната фаза настапи со „Чувај моје срце“ од Александра Радовиќ.

 

Тројката на Јоксимовиќ ја комплетираше Јутјуб сензацијата Ива Ќуриќ, 17-годишна девојка од Ѓаково, Хрватска. За својата верзија на „Не кочи/Београд“ од „Елитни одреди“ доби пофалби и од самите членови на групата, но во следната фаза едвај се најде меѓу најдобрите шест бидејќи Жељко никако не можеше да се одлучи дали нејзината изведба на „Кад си рекла да ме волиш“ од Дино Мерлин беше подобра од изведбите на другите кандидатки. Јоксимовиќ конечно реши да ја пушти понатаму кога ја отпеа неговата „Није љубав ствар“, а во „домовите на судиите“ си обезбеди место во финале изведувајќи ја „Темпера“ од Џибони.

 

Момчиња (ментор: Александра Ковач)

Во категоријата на единствената дама во жирито се наоѓа (засега) единствениот Македонец во натпреварот – 22-годишниот Давид Темелков од Скопје. Како што веќе Ви пренесовме, Давид дебитираше на нашата музичка сцена во 2013 година, кога ја објави својата прва песна „Молитва“, чиј автор е Андреј Миске, но најголемиот дел од јавноста го забележа со појавувањето на „Х фактор“. Темелков уште со првата аудиција ги собра симпатиите на публиката од целиот регион изведувајќи ја баладата „Kiss From a Rose“ од Сил, а беше и првиот што успеа да ја расплаче Александра кога во „регрутниот камп“ ја отпеа безвременската „Тајно моја“ од Тоше Проески. Своето место во финалето си го запечати со изведбата на „Angels“ од Роби Вилијамс, која му ја посвети на неговиот дедо и на неодамна загинатите бранители кои го дадоа својот живот за да нè заштитат.

 

16-годишниот Илија Михаиловиќ од Белград, кој одлично звучи и во џез варијанта, иако е млад, зад себе веќе има и учество на „Евровизија“. Илија беше еден од фаворитите уште од самиот почеток кога на аудицијата се претстави со број 1 синглот на Бруно Марс – баладата „When I Was Your Man“, а во „регрутниот камп“ ја отпеа „Roses“ од победникот на британскиот „Х фактор“, Џејмс Артур и шкотската дива Емели Санде. Своето место во финалето си го обезбеди со уште една одлична балада – „Thinking Out Loud“ од Ед Ширан.

 

 17-годишниот Антонио Криштофиќ, кој ја трогна публиката со својата животна приказна и тоа што ја победи битката со тешка болест, со изведбата на „Стине“ од Оливер Драгојевиќ веднаш се најде меѓу фаворитите. Талентираното момче од Матуљи, Хрватска, и покрај тоа што е средношколец, зад себе има веќе седумгодишна кариера, бројни настапи на музички натпревари и фестивали, како и самостоен концерт во Опатија. Во „регрутниот камп“ си обезбеди столче изведувајќи ја евровизиската „Није љубав ствар“ од Жељко, а во финале ќе оди благодарение на „Још увек сањам да смо заједно“ од нашиот Тоше Проески.

 

Групи (ментор: Тончи Хуљиќ)

Дел од најбројната категорија во натпреварот е групата „Инфинитас“ составена од 5 браќа и сестри од Загреб, Хрватска, за која Тончи рече дека одлично ги промовира семејните вредности. На првата аудиција семејството имаше интересна интерпретација на хитот „Price Tag“ од Џеси Џеј, а во „регрутниот камп“ се претстави со „Something’s Got a Hold On Me“ од Ета Џејмс. За место во финалето се изборија со темата „Терца на тишину“ од „Силенте“.

 

За разлика од „Инфинитас“, кои се пријавија како група, останатите две беа оформени токму за време на натпреварот, а и двете во „регрутниот камп“ беа освежени со уште по еден, четврт член. Имено, на триото „Анџелине“ им се придружи Милица Лојиќ, која Жељко ја отфрли од категоријата девојки, а „9 контрол“ како четврт член го доби Фарис Пињо, кој не успеа да си обезбеди место во категоријата на Александра.

Во „регрутниот камп“, „Анџелине“ настапија со „Back to Black“ од Ејми Вајнхаус, а добија место во финале благодарение на филмската верзија на „Crazy In Love“ од Бијонсе.

 

„9 контрол“, пак, прво ја изведоа „Money On My Mind“ од Сем Смит, а во последната епизода ги слушнавме со огромниот хит на австралиското дуо „Севиџ гарден“ – „To The Moon And Back“.

 

Тоа се 12-те финалисти кои в недела, 17 мај, ќе ја започнат битката за победа, заедно со уште еден од отпаднатите кандидати за кои се гласа преку апликацијата на „Самсунг“. Како што е познато, „Х фактор“ е полн со изненадувања, така што продукцијата може ќе реши да врати и повеќе од еден кандидат. За враќање во натпреварот се борат вкупно 12 кандидати, чии видео пораки Ве очекуваат во продолжение (од непознати причини недостасува видео од Алмир).

 

Започнувајќи од следната епизода, секоја недела ќе отпаѓа по еден (а понекогаш и 2) кандидат(и), па така сè до големото финале, кога за главната награда ќе се борат најдобрите 3 финалисти и еден од нив ќе биде прогласен за победник на втората сезона на „Х фактор Адрија“!

И.Ј.



Врати се горе ↑